Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, доби 30-дневен ефективен притвор.
Кривичниот совет во Основниот кривичен суд Скопје ја прифати жалбата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое ја поднесе откако судија на претходна постапка наместо ефективен, му определи куќен притвор.
Исто така, прифатена е и жалбата за сопственикот на „Инвока гроуп“, Даниел Станчев.
Тие се двајца од осомничените за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од страна на Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски.
Според информациите од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Рашковски сè уште не е спроведен таму, а се очекува спроводот да се случи наскоро.
Обвинителството истрагата ја отвори во четвртокот, а во петокот Рашковски и Станчев беа изведени пред судија на претходна постапка. Кога им се определи мерка куќен притвор, обвинителката Ивана Трајчева најави дека ќе поднесе жалба бидејќи постојат опасности од бегство и влијание на сведоци.
Во истрагата се осомничени уште две лица, меѓу кои е и хонорарец во Владата, на чија фирма се води џипот за кој објавивме дека го води Рашковски. Хонорарецот Игор Христов и уште другото осомничено лице, пак, добија мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, одземање на пасошите и други патни исправи и забрана за издавање на нови, како и забрана за преземање работни обврски поврзани со кривичното дело.
- Двајца од осомничените во случајот со Рашковски останаа без пасоши и со забрана за напуштање на живеалиште
- (ВИДЕО) Џипот што го вози Рашковски е на име на еден од „тајните хонорарци“ во Владата
Истрагата дојде по неполн месец од отворање на предистрагата по допрен глас што, пак, следуваше по објавата на „360 степени“.
Истрагата опфаќа три тендери, сите поврзани со софтверот. Според Обвинителството, Рашковски со еден од останатите осомничени ја договорил набавката на софтверот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки да се изготви техничката документација за јавната набавка.
„Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4 997 300 денари (околу 81 000 евра) со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“,
соопшти Обвинителството по отворањето на истрагата.
Покрај овој тендер, според Обвинителството, летото 2019 Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за негова набавка. Така, за овие два тендери биле склучени договори во износ од 1 416 000 (околу 23 000 евра) и 4 605 021 денари (речиси 75 000 евра).
Така, вкупната сума со која според Обвинителството се стекнале фирмите што ги добиле тендерите, а на штета на државниот буџет, е 11 018 321 денари (речиси 180 000 евра).