За обвинители огласот беше распишан на 2 март годинава и врз основа на него денеска беа избрани 18, иако отворени места имаше за сите 28 кандидати од последната генерација што ја заврши Академија. Меѓутоа, како што рече денеска претседателот на Советот, дел не се пријавиле, а дел конкурирале за места каде што знаеле дека нема да бидат примени

Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието Талат Џафери, и Албулена Абази, сопруга на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази, и официјално станаа обвинители.
Тие се меѓу 18-те нови обвинители што денеска беа избрани на седница на Советот на јавни обвинители за распишаниот оглас за слободни места во повеќе основни јавни обвинителства во државата.
Џафери е избран за обвинител во ОЈО Гостивар, додека Абази за обвинителка во ОЈО Кичево.
Двајцата се дел од последната генерација што ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, а која во јавноста крена врева токму поради нивните и имињата на други блиски роднини на актуелни функционери и судии и обвинители.
„Избрани се 18, десет останаа неизбрани. Дел од нив не се јавија, многу мал дел, поголемиот дел се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. За Куманово, кое е на два чекори од Скопје, никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува“,
рече претседателот на Советот, Антонио Јолевски.
Името на Барлет Џафери, покрај тоа што е син на претседателот на Собранието, го привлече вниманието и затоа што за него Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) објави дека положил правосуден испит пред да дипломира – нешто што подоцна се воспостави дека прераснало во пракса. Денеска на новинарско прашање за биографијата на Џафери, Јолески рече дека целосната документација што е потребна за кај нив во Советот е важечка, а за останатото, според него, требало да се погрижат другите надлежни институции.
„Целосната документација што е потребна за кај нас ја има и е важечка, ние не можеме да се впуштаме во тој дел, не е наша надлежност. Оние институции кои треба да се грижат, би требало да интервенираат доколку сметале дека нешто не е во ред. Министерството за образование, Министерство за правда, кога полагале правосуден испит, ниту еден досега нема поведено постапка, ниту, колку што знам, ДКСК го има затворено предметот како предмет“,
рече претседателот на Советот.
Во генерацијата на Џафери, Академијата успешно ја завршија 58 кандидати – 30 за судии, а 28 за обвинители.
Набргу потоа, огласи за примање нови судии и обвинители распишаа и Судскиот и Советот на јавни обвинители.
За обвинители огласот беше распишан на 2 март годинава и врз основа на него денеска беа избрани 18 иако отворени места имаше за сите, но како што рече Јолески, дел не се пријавиле, а дел конкурирале за места каде знаеле дека нема да бидат примени.
Покрај Џафери и Абази, целосната листа на нови обвинители по обвинителства е следна:
- ОЈО Битола: Борче Коруновски и Марија Чурлиновска;
- ОЈО Велес: Александра Станковска;
- ОЈО Гостивар: Илир Јакупи, Барлет Џафери и Александра Димоска;
- ОЈО Дебар: Анита Граждани Пачуку;
- ОЈО Делчево: Сузана Бошнаковска;
- ОЈО Кичево: Албулена Абази и Емрах Михтароски;
- ОЈО Куманово: Самир Акифи;
- ОЈО Охрид: Кристина Илиеска Атанасова;
- ОЈО Прилеп: Стевчо Биновски;
- ОЈО Свети Николе: Дарко Цветановски;
- ОЈО Струга: Ермира Муса-Нура;
- ОЈО Тетово: Илир Абдурахмани, Нина Димитриеска и Јетмир Беџети.
Покрај избор на 18-те нови обвинители, Советот денеска за шефица на ОЈО Штип ја избра Татјана Кацарова.
Наредниот период, треба да се изберат и неколку обвинители во ОЈО ГОКК и во Вишото јавно обвинителство Скопје, а Јолески денеска рече дека прво сакаат да расчистат со основните, а потоа да го прават изборот во повисоките обвинителства. Како што рече, планот е да се заврши со изборите пред одморите.
„Јас не мислам да чекаме да завршат одморите, тоа ќе биде префрлање на топката до недоглед. Мора да одиме на одмор со веќе завршена работа“,
рече тој.