Партијата ја нарече „бизарна“ изјавата на Мицкоски дека „знае како се решаваат тие работи кога не би бил институција“, оценувајќи дека таа соголува менталитет на улична пресметка, зад кој веднаш потоа се крие целиот државен апарат

Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека во државата постојат двојни аршини откако Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство експресно реагирале за заканите упатени кон премиерот Христијан Мицкоски.
Од ЛДП посочуваат дека додека случајот со сторителот од кумановското село Черкези се процесуира со „брзина на светлината“, пријавите за директни закани по животот на претседателката на партијата, Моника Зајкова, како и на други истакнати јавни личности и граѓани, со месеци и години стојат без ниту една институционална разврска.
„Кога неговата светост, самопрогласен шеф на новата елита, ќе добие закана на социјалните мрежи, Министерството за внатрешни работи реагира со брзина на светлината: сторителот од кумановско Черкези е веднаш идентификуван, Јавното обвинителство експресно процесуира, а целата државна апаратура се става во функција на негова заштита“,
стои во соопштението од ЛДП.
Брзата реакција на МВР и Обвинителството, според ЛДП е доказ дека правосудниот систем може да функционира ефикасно, но тоа го прави исклучиво кога треба да ја заштити владината гарнитура, додека за обичниот човек нема ниту обичен записник.
Партијата ја нарече „бизарна“ изјавата на Мицкоски дека „знае како се решаваат тие работи кога не би бил институција“, оценувајќи дека таа соголува менталитет на улична пресметка, зад кој веднаш потоа се крие целиот државен апарат.
„Со ова се испраќа загрижувачка порака: за самонаречената елита важат законите, казнивоста, брзата правда и идолопоклонството, додека за обичните граѓани остануваат само отворените закани и несигурноста“,
се додава во соопштението.
Од ЛДП порачуваат да престане користењето на државните ресурси за лична заштита и ПР-спектакли, барајќи правна држава во која законите и заштитата важат поддеднакво за сите граѓани.
Реакцијата на ЛДП доаѓа откако вчера од Основното јавно обвинителство Куманово информираа дека е отворена постапка против 39-годишник од кумановското село Черкези поради основано сомневање дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Од Основниот суд во Куманово, на предлог на Обвинителството, му одредија осумдневен притвор на осомничениот поради ризикот од бегство, а како особен факт го наведоа тоа што осомничениот од претходно им бил познат на органите на редот како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Прашан за коментар околу заканите, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува случајот да добие, како што кажа, соодветна правна разврска од надлежните органи.
Тој откри што содржеле пораките, додавајќи дека кога не би бил на позицијата на која што е, знае како се решаваат тие работи.
