Од Обвинителството денеска соопштија дека притвор бил побаран поради ризикот од бегство, а како особен факт го наведоа тоа што осомничениот од претходно им бил познат на органите на редот како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал
Осумдневен притвор му одреди судија на претходна постапка при Основниот суд Куманово на 39-годишниот жител на кумановското село Черкези кој преку социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал по живот на премиерот Христијан Мицкоски.

Притворот на осомничениот му е определен на предлог на кумановското Основно јавно обвинителство кое отвори постапка против 39-годишникот поради основано сомневање дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Од Обвинителството денеска соопштија дека притвор бил побаран поради ризикот од бегство, а како особен факт го наведоа тоа што осомничениот од претходно им бил познат на органите на редот како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Според доказите што биле обезбедени во врска со претходното поведениот на осомничениот, оттаму наведоа дека станува збор за конфликтна личност која велгува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители. Оттука од Обвинителството оцениле дека постои реален ризик ваквите агресивни испради на жителот на Черкези да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици.
За случајот информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде соопштија дека кривичната пријава против лицето со иницијали А.Д. е поднесена по брза постапка од страна на Отсекот за компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Куманово и Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност (БЈБ).
„На 11.09.2026 на објава на профил на социјална мрежа на претседателот на Владата на РСМ, пријавениот напишал коментар со заканувачка содржина“,
се вели во информацијата од МВР во денешниот билтен со дневни настани.
Прашан за коментар околу заканите премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за нив дознал вчера и оти очекува случајот да добие, како што кажа, соодветна правна разврска од надлежните органи.
Тој откри што содржеле пораките, додавајќи дека кога не би бил на позицијата на која што е, знае како се решеваат тие работи.
„Дознав за тие закани што се напишани на социјалните медиуми од ова лице – дека сум била свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Упатил пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не би бил ова – знам како се решаваат тие работи“,
рече премиерот.
