Ревизорите заклучиле дека набавките не се во согласност со законите и подзаконските акти, а процесите се воделе со ограничена конкуренција, нереални финансиски проценки и зголемен ризик од неекономично користење на државните пари

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди низа слабости и неправилности во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ – Скопје. Со ревизијата за усогласеност се опфатени 27 постапки за јавни набавки со преземени обврски во 2024 година во вкупен износ од над 8,8 милијарди денари (околу 143,5 милиони евра), што претставува 58,42 отсто од вкупно преземените обврски што подлежат под Законот за јавни набавки во износ од 5 175 014 илјади денари.
Ревизорите заклучиле дека набавките не се во согласност со законите и подзаконските акти, а процесите се воделе со ограничена конкуренција, нереални финансиски проценки и зголемен ризик од неекономично користење на државните пари.
Иако било донесено упатство за начинот на спроведување на набавките, тоа не содржело прецизни насоки за утврдување на потребите, количините и проценетата вредност. Како последица на тоа, во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план за јавни набавки, што неповолно влијаело на ефикасноста на постапките, планирањето на финансиските средства и роковите, на нивната транспарентност и предвидливост.
Со ревизијата, како што се наведува во извештајот, се утврдени набавки на стоки и услуги кои не се користени или не се целосно реализирани.
Биле платени 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) за набавка на адитив, чиј најголем дел останал целосно неискористен и му истекол рокот на употреба.

Преку постапка со преговарање без објавување оглас поради наводна крајна итност се платени 2,48 милиони евра (153,2 милиони денари) за гасен мотор. Тој подолго време стои складиран и воопшто не е ставен во функција бидејќи не биле обезбедени ниту основни предуслови за негово инсталирање.
Утврдиле и дека биле платени 1,72 милиони евра (106,2 милиони денари) за активности за дислокација на опрема која воопшто не е ставена во употреба.
„Ваквите состојби претставуваат финансиски загуби на друштвото, нерационално користење јавни средства и негативно влијае на извршувањето на дејноста“,
се вели во извештајот.

Во 2022 година била спроведена постапка за јавна набавка на осигурителни услуги поделена на 10 дела, по што во 2023 година склучени биле договори за шест дела, со вредност од околу 5,8 милиони евра. Со анекси цената за дел од нив била зголемена за дополнителни 1,1 милиони евра, иако Стручната комисија дала мислење дека понудените цени не се пазарни. Дополнително, во полисите се појавиле агенти/брокери кои воопшто не биле предвидени во тендерот.
ДЗР забележува дека над 70 отсто од вкупната вредност на склучените договори во 2024 година завршиле кај само шест економски оператори, а во голем број постапки имало само по една пристигната понуда.
Покрај ова, ревизорите констатирале набавки со приспособени технички спецификации кои фаворизираат одреден бренд или овластен производител, неприфаќање атестни документации, но и пречекорување на законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка за над 81 000 евра.
„Кај дел од постапките не е спроведена целосна и детална проверка на доказите за исполнување на условите, а кај испорачаните стоки и услуги во одредени случаи недостасува соодветна техничка, атестна и друга веродостојна документација“,
се додава во извештајот.
Наведено е и дека постојат случаи на прифаќање на суштински измени на технички карактеристики по извршена испорака, што го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките.
Државниот завод за ревизија до АД ЕСМ – Скопје достави низа препораки со цел да се обезбеди поитно, поекономично, транспарентно и законско користење на јавните ресурси.
