Погледнете го првото издание на емисијата „360 степени” од новата сезона, емитувано на 14 септември 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува кандидатот за министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ
Новата сезона на „360 степени“ на МРТ 1 ја отворивме со интервју со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и разговор со претседателот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови, Маријан Николовски. Во фокусот беше одржливоста на пензискиот систем и иднината на вториот столб, за кој Велковски рече дека не треба да се зборува за укинување, туку за можна „реконструкција“, вклучително и опцијата осигурениците сами да избираат дали ќе останат во двата столба или само во првиот. Разговаравме и за првите 147 корисници на пензија од двата столба, од кои 113 добиваат минимална пензија, но и за петтемина чии вкупни примања ја надминуваат максималната пензија што би ја добивале само од државниот фонд. Николовски објасни зошто овие бројки не значат дека осигурениците би добивале повисоки пензии доколку биле само во првиот столб и оцени дека вториот столб значително ќе го растовари ПИОМ за 20 до 25 години. Велковски најави воведување мултифондови, со растечко, балансирано и конзервативно портфолио, во зависност од возраста и изборот на осигуреникот. Дел од разговорот беа и препораките на Светската банка и ММФ за зголемување на старосната граница, како и владините предлози пензионерите да можат да работат и да примаат пензија, вклучително и семејна пензија. Министерот најави и законско решение со кое лицата што ја исполниле старосната граница, но имаат најмалку 13 години стаж, ќе можат да откупат до две години за да го достигнат законскиот минимум за пензија. Отворивме и прашање за стабилноста на ПИОМ, кој за годишни расходи од околу 2,4 милијарди евра собира околу 1,4 милијарди од придонеси, додека преостанатата милијарда се покрива од државниот буџет.
