Премиерот Димитар Ковачевски направи паралела, тврдејќи дека автомобилот СДСМ вози на релација Вашингон и Брисел, а ВМРО-ДПМНЕ е автомобол од стиропор. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека СДСМ е зарибан автомобил
Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени рече „ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил”
Симболиката со автомобилот што американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан ја кажа во интервју дадено за „360 Степени“ прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени стана тема на меѓупартиската полемика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Димитар Ковачевски направи паралела, тврдејќи дека автомобилот СДСМ вози на релација Вашингон и Брисел, а ВМРО-ДПМНЕ е автомобил од стиропор. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека СДСМ е зарибан автомобил.
СДСМ е кола којашто вози во Вашингтон и Брисел, од друга страна кај ДПМНЕ што имате, имате кола направена од стиропор којашто никој не би ја купил, рече денеска премиерот Ковачевски.
„Ако погледнете во годините наназад ние ветивме интеграција на државата во НАТО, испорачавме. Споредете го тоа со една кола која што ја гледате. Тоа е кола која што ве вози во Вашингтон каде што се депонирани потписите за членството во НАТО. Тоа е кола која што обезбеди почнување на преговорите со ЕУ, ве води во Брисел. Тоа е кола која што овозможи над 600 евра просечна плата во државата. Која овозможи 50 отсто зголемување на минималната пензија. 50 отсто зголемување на просечната пензија, намалување на невработеноста од 24 отсто на 13 отсто и дополнително 2 отсто во текот на идната година. Највисоки капитални инвестиции во историјата на државата. Ние за 2 години 2022 и 2023 ќе имаме една милијарда капитални инвестиции реализирани. Тоа е кола која што го реализира Коридорот 8 и впрочем тоа е кола која што вреди да се има. Од друга страна што имате, имате кола направена од стиропор која што никој не би ја купил“,
рече Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ рече дека автомобилот на Ковачевски е зарибан поради, како што велат, корупцијата на власта.
„Колата за која збори Таче му зариба, зошто наместо горивото изразено во милиони евра во тендери, наместо во народниот резервоар течеше во приватните џебови на власта. Корупцијата на власта е нотирана во сите извештаи на меѓународните институции. Ковачевски денес кога зборуваше за локалната самоуправа барем признава дека општините се блокирани и кочени од централната власт, но и при таква состојба бројот на проектите за народот се огромни и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се без ниту една афера зад себе. Тоа што Ковачевски не се откажува од техничката влада значи дека ДУИ му забрани да се откаже од идејата оваа техничка влада да има премиер од криминализираната ДУИ и е потврда дека всушност и со оваа влада управува ДУИ со подизведувач СДС. Наредната изјава барем Ковачевски да трепне два пати како сигнал дека не е киднапиран од ДУИ“,
соопштија од опозициската партија.
О’Барајан одговарајќи на прашањето во интервју на „360 Степени“ што понатаму со оглед на тоа што е извесно дека овој парламент нема да ги усвои уставните измени, рече дека без да коментира дали работите би се случиле сега или подоцна, јасно е дека има понуда на маса и ако некој вели дека има подобра понуда, но не кажува за што точно станува збор, само се обидува да измами.
„Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така“,
вели помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.