Германскиот канцелар го поздрави гласањето во парламентот и рече дека тоа го отвора патот за Северна Македонија и Албанија за почеток на преговорите со Унијата
Ве сакаме како членка на ЕУ и ќе бидеме покрај вас до крај, порача германскиот канцелар Олаф Шолц по гласањето во македонското Собрание за заклучоците за францускиот предлог.
„Го поздравувам гласањето на македонскиот парламент што го отвори патот за првите меѓувладини конференции за пристапување во Европската унија на Северна Македонија и Албанија. Ве сакаме како членки на Европската Унија и ќе бидеме покрај вас до крај“,
напиша Шолц на Твитер.
Заклучоците за францускиот предлог во Собранието беа изгласани со 68 гласа „за“, а попладнево владата одлучи да го прифати францускиот предлог и за тоа да ја извести и Република Бугарија.
Освен од германскиот канцелар Шолц, поддршка за гласањето во парламентот стигна и од останати високи претставници на меѓународната заедница.
Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник и претседател на комисијата за надворешни работи во Бундестагот, Михаел Рот, во објава порача дека е горд на Македонците. Претходно пораки стигнаа и од Брисел и Вашингтон.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека денешното гласање по поплочува патот за првата Меѓувладина конференција веќе наредната недела, а со слична порача излезе и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Се овозможува, твитна таа, брзо отворање на преговорите. Според Лајен, ова била историска можност и Северна Македонија ја искористила.
И еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се огласи на социјалните мрежи. Се радуваме, рече тој, на отворањето на пристапните преговори во вторник, кога ќе се сретнеме во Брисел на првата Меѓувладина конференција.
Со писмена изјава излезе и американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Во изјавата тој наведе дека САД ги препознаваат тешките размени кои се направени со овој компромис, но кој ги признава и почитува културниот идентитет на Северна Македонија и македонскиот јазик. Одлуката на македонското Собрание, според него, дојде во критичен момент за Северна Македонија, Западен Балкан и Европа.