Собранието во последниот период го менува стилот на работа, така што пратениците само дебатираат три дена во неделата, а гласањето го „чуваат“ за ден кога ќе бидат сигурни дека има кворум за одлучување. Додека ВМРО-ДПМНЕ почнува да омекнува, и натаму главен проблем се амандманските блокади што ги приредува Алијанса/Алтернатива
Трет ден по ред оваа седмица во парламентот се одржуваат пленарни седници на кои само се дебатира и се затвора расправата по точки од дневниот ред, ама не се носат одлуки.
Според информации на „360 степени“, можно е сите закони за кои е затворена расправата во изминатите денови да се стават на гласање на 21 овој месец. Освен новата седница што е закажана тогаш, на истиот датум би биле закажани и продолженија на седниците на чиј дневен ред се точки за кои е завршена расправата и треба само да се гласа, но доколку тој ден има кворум за одлучување од најмалку 61 пратеник во салата.
Таков принцип, со гласање во еден ден, беше применет во петокот, кога се искористи ситуацијата кога „мораше“ да се донесат измените на законите за попис и за избори, согласно договорот што го постигнаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски.
Во петокот вечерта, откако заврши седницата на чиј дневен ред беа измените на Законот за попис и на Изборниот законик, Собранието продолжи со работа на продолженија на неколку седници на кои имаше закони за кои само требаше да се гласа. На тој начин, според информациите, минатата недела се донесени петнаесетина закони, од кои дел беа блокирани од опозицијата во изминатиот период, како што е на пример Законот за заем за брз трамвај во Скопје. Истата вечер се ставени во процедура уште триесетина закони кои биле во прво читање. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останаа во салата, иако, според информациите, и без нив во Собранието биле присутни 61 пратеник од мнозинството за да се обезбеди кворум за одлучување.
Всушност, турбоагендата во Собранието во петокот беше исклучок, со оглед на тоа што веќе беше истечен рокот во кој требаше да се донесе одлуката за одложување на пописот, откако таков договор постигнаа Заев и Мицкоски на лидерска средба минатата седмица. Инаку, според информациите, има договор меѓу пратеничките групи во овој период на ковид-криза пленарни седници да се одржуваат главно во вторник, среда и во четврток, за да се избегне секојдневно присуство на пратеници во парламентот, со оглед на тоа што со Деловникот не е предвидена можност за онлајн вклучување на парламентарци што се во изолација.
И покрај тоа што она крајот на минатата седмица пратениците успеаја да донесат петнаесетина закони што беа блокирани во изминатиот период, и натаму е неизвесно донесувањето на законите што произлегуваат од петтиот сет мерки за надминување на последиците од ковид-кризата. Иако уште пред лидерската средба Заев-Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа договор за сценариото на 36. седница, на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, останува амандманската блокада на повеќе законски решенија што ја „постави“ опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива.
Поради блокадата на Алјанса/Алтернатива, Собранието не успеа до 31 март, односно во рамки на 36. седница, да ја продолжи кризната состојба на јужната и на северната граница поради ситуацијата со мигрантите, така што, по еднодневниот вакуум, интервенираше Владата со своја одлука.
Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Тимчо Муцунски, денеска апелираше до Алијанса/Алтернатива да ги повлечат амандманите за да може да се донесат законите од петтиот сет антикризни мерки и посочи, исто така, дека треба да се најде решение и за луѓето без државјанство.
„Тоа што треба да е врвен приоритет е петтиот пакет економски мерки. Од 16 февруари ВМРО-ДПМНЕ апелира на побрзо донесување на законите. Нејасно ни е зошто до 23 март ова седеше во собраниските фиоки, зошто не беа ставани точките на дневен ред. Има одреден број граѓани кај нас кои се без државјанство и веројатно трпат последици. Верувам дека за тие отприлика 1 000 луѓе треба да се најде решение, но некоректно е да се блокира економска помош со едно вакво прашање. Течат процедури за голем број закони, најголем дел се од техничка природа. Тоа што клучен приоритет не може да дојде на дневен ред, сите треба да си го преземат делот од одговорноста. Треба да покажеме прагматичност како пратеници кога тоа е во интерес на граѓаните, мора да се разрешат овие прашања поради кои може да дојде до затворање на компании. Оптимист сум дека може брзо да се дојде до решение“,
изјави Муцунски.
Премиерот Заев, пак, најави нова средба со Алијаса за Албанците во понеделник, посочувајќи дека очекува да се изнајде решение во однос на нивното барање за начинот на добивање државјанство на С Македонија.
Заев истакна дека верува оти со самото законско решение, во кое се земени предвид и барањата на опозицијата, ќе се постигне целта, а тоа е граѓаните кои бараат државјанство да го добијат.
Тој минатата седмица имаше средба со координаторот на ПГ на Алијанса/Алтернатива, Скендер Реџепи, во обид да се најде решение за измените на Законот за државјанство што ги предлага опозициската коалиција, а поради што се блокирани многу други закони во Собранието. Иако средбата со координаторот на Алијанса/Алтернатива беше оценета како конструктивна, сѐ уште нема конкретно решение за законот за државјанство, што би значело деблокада на другите закони, меѓу кои и тие од петтиот сет економски мерки.