Не ни е цел како коалиција да бидеме црни овци кои ќе кочат и ќе блокираат закони, туку да бидеме оние кои ќе им служат на лицата на кои им е блокирано правото на државјанство, рече Скендер Реџепи, координатор на Алијанса/Алтернатива
Премиерот Зоран Заев ја оцени како конструктивна денешната средба во Собранието со претставници на Алијанса/Алтернатива, додека координаторот на пратеничката група на оваа опозициска коалиција, Скендер Реџепи, рече дека се на добар пат решенијата за измени на Законот за државјанство.
На средбата присуствуваат и министерот за правда Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, веројатно како претставник на Беса.
Заев посочи дека во следните денови ќе се финализираат деталите за добивање трајно решение од интерес на граѓаните кои немаат државјанство.
„За еден дел од работите веднаш изнајдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите, кои беа понудени од наративот и образложението на Алијанса и Алтернатива, како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите кои беа понудени од страна на соодветните министри“,
рече Заев.
Тој рече дека се согласиле дека бројката на лица без државјанство, иако е евидентирана на 1 500-1 600, во матичната евиденција е некаде 800-850 луѓе и е различна.
„Притоа разграничивме дека граѓани кои имаат извод од матична книга на евиденција, односно се родени тука, е една проблематика, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување, односно со женење, мажење во државата, се друга проблематика. Верувам дека во следните неколку дена интензивно ќе работат службите, пред сè јавната администрација и извршната власт, која денеска беше овде претставена, за да ги разгледа и разбере сите овие предлози кои ги дадоа двете опозициски партии“,
рече Заев.
Реџепи истакна дека од Владата имало предлог да има закон со преодна одредба, што, како што рече, ќе го разгледаат заедно со коалицискиот партнер. Истовремено, побарале Владата да разгледа неколку точки што тие ги предложиле и да се дојде до некаков компромис.
„Не ни е цел како коалиција да бидеме црни овци кои ќе кочат и блокираат закони, туку да бидеме оние кои ќе им служат на лицата на кои им е блокирано правото на државјанство. Ќе седнеме како пратеничка група да ги разгледаме сите опции што се отворени на средбата“,
рече Реџепи.
За бројката на граѓаните што немаат државјанство рече дека се надлежни институциите.
„Бројката е многу ирелевантна, поради фактот што, согласно Меѓународната конвенција на ОН, ниту еден граѓанин не смее да биде без државјанство. За нас е битен поединецот исто толку колку што е битно и ако се во прашање 10 илјади или 100 илјади граѓани. Недозволиво е да кажуваме бројка, бидејќи не сме институција, но и за институциите не е дозволиво да не им овозможат на граѓаните да остварат право на државјанство“,
потенцира Реџепи.