ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски продолжуваат неодговорно да се однесуваат и да пласираат лажни вести само поради тоа што не можат да се помират со успехот што нашата држава го постигна на меѓународен план за толку краток период, реагираат од СДСМ на денешната прес-конференција на секретарот за меѓународна политика на опозициската партија.
„Откако беа демантирани од Обединетите нации, сега добија демант и од Европската Унија, од каде јасно порачаа дека едностраната изјава на Бугарија не ги менува заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ за отворање на преговорите, поддржани и од Европскиот совет. Владата на Република Северна Македонија предводена од СДСМ, за само две и пол години, успеа државата да ја врати на европските и евроатлантските патеки, добивме датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, станавме членка на НАТО. Токму затоа лажните вести што ги пласираат ВМРО-ДПМНЕ и Муцунски, за наводни дополнителни услови и пречки во пресрет на отворањето на преговорите со ЕУ и одржувањето на првата меѓувладина конференција, се класични лажни вести на кои никој не верува“,
велат од СДСМ.
Муцунски денеска рече дека е видливо дека земјава има дополнителни пречки за стартот на преговорите со ЕУ и одржувањето на првата меѓувладина конференција, а еден од повеќето спорни аскепти е, како што рече, барањето на Бугарија македонскиот јазик понатаму да се именува како „официјлаен јазик на Република Северна Македонија“. Притоа, тој реферираше на документ објавен на веб-страницата на австрискиот парламент и на интервјуто на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
*Поврзани вести:
Бугарскиот европратеник Ковачев: Во Македонија живеат Македонци што зборуваат македонски јазик
Димитров му одговори на Николоски нарекувајќи го „политички лешинар“