Петер Стано, портпарол на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жосеп Борел, вели дека едностраната изјава на Бугарија не ги менува заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ, поддржани и од Европскиот совет, за отворање пристапни преговори со Северна Македонија.
Изјавата на Стано ја пренесува „Република“:
„Европскиот совет ја усвои едногласно одлуката на Советот за отворање на преговори за пристапување со Македонија. Ставот на ЕУ е изразен во овие заклучоци на Советот. Еднострани изјави на земјите-членки не ги менуваат ваквите заклучоци.“
Ова објаснување на портпаролот на Жосеп Борел доаѓа по информациите во јавноста дека кон записникот од состанокот на Советот на ЕУ, а не кон заклучоците од него, е приложена изјава од Бугарија во која соседната држава изложува свои ставови во врска со содржината на преговарачката рамка за земјава и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Изјавата на Бугарија е на линија на Рамковната позиција усвоена од владата во Софија во октомври 2019 година.
*поврзана вест Димитров му одговори на Николоски нарекувајќи го „политички лешинар“
*поврзана вест ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Владата крие документ со кој Бугарија отворено го условува датумот за преговори со ЕУ