Реакцијата на Зафироски доаѓа по најавената партиска прослава на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар по повод годишнината од основањето. Тој ја оценува како срамна во услови кога гостиварци се соочуваат со здравствен проблем

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Гостивар, Бојан Зафироски, ја критикува владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи јa за неодговорност и за правење циркус додека граѓаните на Гостивар со недели се соочуваат со криза за пивка вода.
Реакцијата на Зафироски доаѓа по најавената партиска прослава на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар по повод годишнината од основањето. Тој ја оценува како срамна во услови кога гостиварци се соочуваат со здравствен проблем.
„Што слави ВМРО вечерва во Гостивар? Тоа што го отруја цел град, како не ви е срам? Тие што го отруја цел Гостивар, поради кои нема вода пет недели, а над 5 000 граѓани беа заболени, денеска ќе слават. Граѓаните се со празни шишиња, без вода, а вие сте на партиски прослави. Сега со што ќе наздравите вечер додека славите?“,
прашува Зафироски.
Тој посочи дека Гостивар и денеска од утринските часови повторно нема вода и дека премиерот Христијан Мицкоски ја „пуштил“ водата за пиење без соодветен документ и анализа, критикувајќи го што со недели не го посетило местото.
„Не се знае ниту сега дали водата е безбедна за пиење бидејќи не објавувате документ и анализа. Мицкоски од екскурзија ја ‘пушти’ водата за пиење без документ. Пет недели го нема да дојде во Гостивар. Сега вечерва ќе дојде ли да слави? Па ова е поголема брука од срамната здравица пред камери, овде на оваа чешма“,
додаде претседателот на ОО СДСМ Гостивар.
Зафироски порача дека актуелната ситуација во градот бара итна одговорност, а не партиски прослави и циркус, истакнувајќи дека за овој случај ќе мора да има одговорност.
Инаку, министерот за здравство Сашо Клековски за в четврток најави дека ќе го објави епидемиолошкиот извештај во врска со состојбата во Гостивар, каде што над 5 000 граѓани се заразија по консумирање на водата од градскиот водовод.
Во врска со барањата на опозицискиот СДСМ – јавно да биде објавен извештајот со кој се гарантира дека водата од гостиварскиот водовод е исправна за пиење, премиерот Христијан Мицкоски пред два дена рече дека и тој инсистира на тоа.
Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули откако вработени во претпријатието поставија потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата.
Од петокот водата во Гостивар е прогласена за безбедна.
