Тие што се во сопственост на Јавното комунално претпријатие, треба јавното комунално да си ги објави, редот е така. Да бидеме начисто, тие се истражувања кои се нарачани и може да ги објави само нарачателот, рече Клековски

Министерот за здравство Сашо Клековски за в четврток најави дека ќе го објави епидемиолошкиот извештај во врска со состојбата во Гостивар, каде над 5 000 граѓани се заразија по консумирање на водата од градскиот водовод.
„Сакам да расчистам една дезинформација што се шири. Јас кога објавив, реков дека ќе објавиме информации на 20 август, тоа е епидемиолошкиот извештај за Гостивар. Таму ќе биде наведено што и како и кои институции што направиле“,
рече Клековски.
Сепак, потенцира дека се работи за епидемиолошки извештај, додека за водата ги повика тоа да го направат комуналното претпријатие и општината, кои, според него, се надлежни да го сторат тоа.
„Самите резултати од испитување на водата се сопственост на Јавното комунално претпријатие Гостивар и на градот Гостивар. Она што министерството ќе го објави е резултатите што беа релевантни за епидемијата, а тоа е од 1 јануари 2026 година до врвот на епидемијата. Меѓутоа не гледам проблем, бидејќи тие се дневни контроли, да бидат објавени од, можам да сугерирам и на Јавното комунално и на Центарот за јавно здравје Тетово да ги објави, како што јас ќе ги објавам сите што ги има правено Центарот за јавно здравје годинава“,
кажа министерот.
За него, фокусот е од оваа епидемија да се излезе транспарентно и со научени лекции.
„Состојбите, посебно во Гостивар, се повторуваат и треба структурно да видиме што е проблемот во водоводот и дали имало проблеми во реакцијата на институциите, бидејќи повеќе институции се одговорни, Јавното претпријатие, АХВ, центрите за јавно здравје, и ќе ги соопштиме сите работи најтранспарентно. Ќе објавиме и од 2017, 2019 – она што е сопственост на министерството, а тоа се тестирањата правени со Националната програма, а тие што се во сопственост на Јавното комунално претпријатие, треба јавното комунално да си ги објави, редот е така. Да бидеме начисто, тие се истражувања кои се нарачани и може да ги објави само нарачателот“,
вели тој.
Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули, откако вработени во претпријатието поставија потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата.
Од петокот, водата во Гостивар е прогласена за безбедна.
Вчера и премиерот Христијан Мицкоски посочи дека и тој инсистира да се објави извештајот за водата во Гостивар, со кој се гарантира дека водата од гостиварскиот водовод е исправна за пиење.
