Претставниците на надлежните државни и локални институции денеска во Гостивар пред камери се напија вода од чешмата пред Општината за да го докажат она што го објавија – по повеќе од еден месец водата од гостиварскиот водовод е безбедна за пиење

Од денеска водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење. Вака ја започна денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој е и шеф на Главниот штаб за управување со кризи.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, рече дека резултатите од извршените лабораториски испитувања од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје се задоволителни. Примероци биле земени на седум мерни места.

„АХВ ги известува жителите на Гостивар дека од денес (петок, 14.08.2026 г.) водата може да се користи за пиење. Водата беше микробиолошки исправна уште од крајот на минатата недела, но при извршените испитувања беше утврдено зголемено присуство на резедуален хлор над границите предвидени со правилникот со барањата за квалитетот на водата за пиење од 0,2 до 0,5 милиграми на литар. Зголеменото ниво на резедуален хлор беше резултат на зголемената дезинфекција на водата за пиење како мерка за обезбедување на нејзината микробиолошка безбедност“,
рече Миланов.
Тој објасни дека не се дозволувала употреба на водата за пиење сè додека количеството на хлор не биде во дозволените граници.
Додаде дека последните резултати покажале дека водата е михробиолошки и физичко-хемиски исправна за пиење, а и дека присуството на хлор е во дозволените граници.

„Во насока на стабилизирање на водоснабдувањето и одржувањето на квалитетот и безбедноста на водата се препорачува ЈКП ‘Комуналец’-Гостивар да го зголеми производството на сурова вода согласно расположливите капацитети и техничките можности на водоснабдителниот систем. Воедно на граѓаните им се препорачува пред да ја користат водата за пиење да ја остават чешмата да истече неколку секунди, особено ако чешмата подолго време не била пуштена“,
изјави тој.
Директорот на АХВ повика граѓаните рационално да ја користат водата за пиење, особено во период на зголемена потрошувачка за да се обезбеди стабилно и непречено водоснабдување во градот.
Тој најави дека АХВ, во рамки на своите надлежности, ќе продолжи да ја следи состојбата и во координација со надлежните локални и државни институции ќе се преземаат мерки за контрола на безбедноста на водата со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Од гостиварскиот кризен штаб рекоа дека кризата била сериозен предизвик за градот, но покажала дека кога институциите дејствуваат заедно и одговорно и најтешките предизвици можат да се надмина.
Водата во Гостивар беше забранета за пиење околу еден месец. Според надлежните, загадувањето дојде од непрописно поставени пумпи од ЈП „Комуналец“-Гостивар со кои во системот се внесувала загадена вода. Илјадници граѓани завршија во болница поради труење со бактерии. Се изврши процес на хиперхлорирање за да се прочисти целиот водоснабдителен систем по што водата беше прогласена за исправна само за техничка употреба. Од денеска и за пиење.
За случајот се уапсени директорката на гостиварски „Комуналец“ и уште две лица.
