Ваквите обиди на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски им прават штета и на наставниците и на членовите на СОНК. Согласно мирувањето на штрајкот, утре сите треба да се на училиште и професорите на работа, порачаа од владејачката партија
Откако дел од членството на СОНК вечерва се собра, како што рекоа, на спонтан протест пред седиштето на Синдикатот, од СДСМ ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад ваквиот притисок врз членството да излезе да протестира и оти тоа го прави преку своите градоначалници.
„Откако СОНК објави дека штрајкот е во мирување, согласно Законот за мирно решавање на работни спорови, граѓаните гледаат како ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски очајно прават притисоци врз членовите на СОНК и директорите на училиштата во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите обиди на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски им прават штета и на наставниците и на членовите на СОНК. Како што соопшти СОНК штрајкот од утре е ставен во мирување наредните 20 дена. Согласно мирувањето на штрајкот, утре сите треба да се на училиште и професорите на работа. Секое прекршување сноси одговорност согласно закон, и за наставниците и за директорот на училиштето“,
велат од СДСМ.
До протестот на дел од членството дојде откако претседателот на СОНК, Јаким Неделков, денеска соопшти дека Советот на синдикатот одлучил штрајкот да се стави во мирување додека трае решавањето на спорот. Доколку не се дојде до решение, рече Неделков, повторно ќе се активираат. Претседателот на СОНК кажа и дека ваквата одлука ја донеле и по консултација со правници.
Членството, пак, вечерва му замерува на Неделков дека се одлучувало без да бидат прашани членовите, скандираа „оставка“ и побараа тој да излезе пред нив и да им ја објасни ситуацијата.
Инаку, раководството на СОНК ваквата одлука ја донесе откако Министерството за образование и наука упати известување до Синдикатот за мирно решавање на спорот, а повикувајќи се на Законот за мирно решавање на работните спорови, во текот на денешниот ден испрати и барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес.