Руската дипломатија денеска испрати различни односно спротивставени пораки кон македонскиот и бугарскиот народ честитајќи го празникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Руската амбасада во Скопје преку Твитер пренесе дел од говорот на претседателот Владимир Путин истакнувајќи дека писменоста во Русија пристигнала од македонската земја. Но, руската амбасадорка во Софија преку видео-порака честитајќи го празникот, се заблагодари на бугарската држава за писменоста.
„Му го честитаме на братскиот македонски народ Денот на светите Кирил и Методиј, кој се слави како државен празник. ‘Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја – Владимир Путин’“,
се вели во твитот на Руската амбасада во Скопје.
Му го честитаме на братскиот македонски народ Денот на светите Кирил и Методиј, кој се слави како државен празник.
— Посольство России МК (@Russian_Emb_MKD) May 24, 2021
??"Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја" – Владимир Путин pic.twitter.com/hUqwYtMORz
Амбасадорката на Русија во Софија, Елеонора Митрофанова пак преку видео-порака рече дека без сомнение, улогата на Бугарија во формирањето и распространувањето на словенската писменост, јазик и култура е бесценета.
Предлагаме на вашето внимание поздравление на Посланика на Русия в България Елеонора #Митрофанова по случай #24май :https://t.co/0c3OQlboCV
— Посольство России в Болгарии (@RusEmbBul) May 24, 2021
Државните делегации на С Македонија и Бугарија веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликката „Санта Маџоре“, како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан.
Годинава, претседателите на двете земји, Стево Пендаровски и Румен Радев, неделава заедно ќе отпатуваат во Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј.
Според програмата, македонската делегација, предводена од Пендаровски и бугарската, предводена од Радев, ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Црковната делегација на МПЦ-ОА, предводена од владиката Пимен, денеска во Рим одржа молебен на гробот на св. Кирил во чест на сесловенските просветители.
Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на ковид-19.
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година, а меѓу нив централно место има поклонувањето на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.