На прашањата дали е познато колку министерски места ќе се распределат меѓу партнерите, Касами нагласи дека кога ќе има краен договор ќе им го соопштат на јавноста

Целата процедура за договарање на следната влада оди добро, вели претседателот на Движењето Беса, Билал Касами кој е дел од коалицијата „Вреди“. Според Касами, разговорите што се водат се за принципите на функционирање на следната влада, а се усогласувале и програмите.
Касами се надева дека како резултат во преговорите ќе имаат влада која, како што рече, ќе биде компетентна, со професионалци, која ќе биде со луѓе кои ќе работат за државата и за граѓаните без разлика на нивната етничка припадност.
„Ние сме свесни дека во една мултиетничка држава и општество како што е Македонија не можат сите министри да бидат Албанци и Македонци. Но, што е важно било кој да биде во едно министерство треба да работи за сите граѓани без разлика на етничка и верска и друга припадност. Во оваа фаза имаме разбирање меѓу партнерите кои ја договараат следната Влада дека без разлика кој каде ќе седне на која фотелја, ќе треба да работи за сите граѓани“,
рече Касами во изјава за медиумите по денешниот настан „Отворен ден“ кој се организираше на плоштадот во Тетово.
Ова, како што рече, е многу важно затоа што во минатото иако имаше многу министерства кои беа предводени од Албанците, ниту тие министерства не работеа доволно за Албанците, за Македонците и другите граѓани.
„Значи етничката припадност за нас не е најважна за да ние го реализираме тоа што го имаме ветено“,
изјави Касами.
На прашањата дали е познато колку министерски места ќе се распределат меѓу партнерите, Касами потенцираше дека кога ќе има краен договор ќе им го соопштат на јавноста.
„Тоа е дел од стратегијата за преговарање, ние може да бараме и пола Влада, може да ни се понуди и многу малку, но на крај ќе дојдеме до тоа што ќе биде најсоодветно за сите партнери во следната Влада. Што е најважно, во интерес на граѓаните“,
рече тој.
За изјавата на Али Ахмети дека прегласувањето во среда може да донесе меѓуетнички тензии, Касами со коментар оти тоа било во минатото.
„Секој си зборува со тоа што знае да го прави. Али Ахмети, така договарал во минатото и така постапувал во минатото. Али Ахмети знае како ги добил и овие мандати кои ги добил сега. Затоа е во паника. Ние едноставно кажуваме да им дадеме можност на граѓаните во среда да излезат и да гласаат. Ако тој е сигурен во тие гласови што ги добил, треба да биде мирен дека пак ќе ги добие. Ако знае дека ги добил на начин кој не е демократски, не е фер, не е слободна волја на граѓаните, затоа е во паника. Ние кажуваме дека треба да создадеме услови во среда и тие граѓани да излезат и да гласаат во слободна волја за да може да кажеме кој ќе биде нивен претставник во Собранието. Ние се надеваме дека ќе имаме добар резултат“,
изјави лидерот на Движењето Беса.
Касами соопшти дека нема да биде пратеник и ќе ја задржи градоначалничката функција.
Вчера Арбен Таравари, еден од лидерите во „Вреди“ во интервју за Радио телевизија Косово (РТК), рече дека во новата влада на Северна Македонија шест министри и претседател на Собранието ќе бидат Албанци. Потоа Таравари, во изјава за ТВ Телма, рече дека се вртат бројки, но нема ништо дефинитивно со што демантираше дека неговата коалиција ќе раководи со шест министерства и додава дека сè уште е рано да се прецизира. Тој негираше и дека веќе е постигнат договор на коалицијата „Вреди“ да ѝ припадне позицијата претседател на Собранието.
Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“, кои преговараат за нивното евентуално коалицирање во идната влада, во петокот ја одржаа првата средба. По состанокот, кој се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата на Христијан Мицкоски соопштија оти разговорите во позитивен дух ќе продолжат и натаму.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и лидерите на партиите од коалицијата „Вреди“ неколку дена претходно одржаа состанок на кој се договорија натамошните разговори за формирање на евентуална владина коалиција да се водат на ниво на работни групи сè до нивното финализирање.