Во објава на Трут соушл, Трамп напиша дека одлуката ја донел по исклучително продуктивни разговори со лидерите од земјите на Блискиот Исток. Тој порача и дека Ормускиот Теснец е отворен за сите, освен за Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од намерата да воведе такса од 20 отсто за товарните бродови што пловат низ Ормускиот Теснец, пренесува Си-ен-ен. Наместо надомест за американска безбедносна заштита, приходите ќе бидат заменети со трговски договори и инвестиции што земјите од Персискиот Залив ќе ги реализираат во САД.
Во објава на Трут соушл, Трамп напиша дека одлуката ја донел по исклучително продуктивните разговори со лидерите од земјите на Блискиот Исток. Тој порача и дека Ормускиот Теснец е отворен за сите, освен за Иран.
„Ќе воведеме целосна блокада што ќе важи само за бродови што пловат кон и од иранските пристаништа или превезуваат каков било товар поврзан со Иран. Врз основа на исклучително продуктивните разговори со лидерите од Блискиот Исток, одлучив да го заменам надоместот од 20 проценти за надоместување на трошоците на САД со трговски и инвестициски договори што различни држави од Заливот ќе ги склучат со САД. Тие инвестиции ќе бидат огромни, но истовремено ќе бидат исклучително добри,“
напиша Трамп.
Одлуката за повлекување од планот за наплата на такса претставува пресврт во ставот на американската администрација откако високи функционери претходно предупредија дека наплатата на таков надомест во меѓународен воден пат би била спротивна на меѓународното право.
Трамп вчера изјави дека САД треба да бидат финансиски компензирани за нивната улога во заштитата на слободната пловидба и безбедноста на меѓународната трговија во Персискиот Залив, особено ако Иран наметне свои такси за премин низ Ормускиот Теснец.
