Артилериската граната, како што вели пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, потекнува од Првата светска војна и станува збор за граната што била истрелана, но не експлодирала

Неексплодирана граната со калибар 75 милиметри е извлечена од под вода во Црна Река кај селото Радобор во Општина Могила, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Артилериската граната, како што вели пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, потекнува од Првата светска војна и станува збор за граната што била истрелана, но не експлодирала.
За пронајденото убојно средство, ДЗС Битола ја прими дојавата преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Изминатите денови неексплодирани гранати беа пронајдени и во коритото на Вардар во близина на Неготино и на брегот на Дојранското Езеро.
Гранатата пронајдена во коритото на Вардар, во атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино била од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми. Таа најдена на брегот на Дојранското Езеро била со калибар 100 милиметри и тешка 13,6 килограми. И овие две гранати, како што рекоа од ДЗС, потекнуваат од Првата светска војна.
