ВМРО-ДПМНЕ ќе организира и следен протест, иако не кажа кога, Мицкоски рече дека овој е само подготвителен
Со марш од пред Министерството за правда, преку мостот Гоце Делчев, ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за надворешни работи (МНР) го заврши вториот протест од низата кои, како што најавуваат, ќе се одржат во наредниот период.
“Едно име имаме”, “Излези Гоце на тераса”, “Никогаш Северна, само Македонија”, “Оставка”, “Мафија”… пееја и скандираа демонстрантите додека ја минуваа планираната рута, а потоа партискиот лидер Христијан Мицкоски од говорница порача дека ЕУ е нашата иднина, а патротизмот не е анти-ЕУ позиција.
“Јасно да реагирам на една теза на власта, на неопрсвдано лепење на етика врз сите нас, а тоа е дека патриотизмот значи некаква демоде политика и заостаност во минатото, дека тоа било популизам и некаква анти-ЕУ позиција, дека откажувањето од Делчев е една од стоте работи која мораме да ја проголтаме за некаква иднина. Веднаш ќе кажам дека не е така, македонизмот и она што сме, не е ништо помалку важно од европеизмот”,
рече Мицкоски облечен во црвена маица со ликот на Делчев.
Визија за ЕУ и за Гоце Делчев, за кого Мицкоски рече дека е тврдината која нема да ја напуштат, опозицијата и нејзините поддржувачи имаа испишано и на транспарентот што го носеа демонстрантите од првиот ред на толпата која маршираше.
“За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев”, пишуваше на белото платно, додека и помеѓу демонстрантите можеше да се забележи дека голем број носеа црвени, бели и жолти маици со ликот на Делчев.
Знамиња со сонцето од Вергина, државното, партиското и знамиња на ЕУ, пак, се вееја над главите на демонстрантите, а други носеа транспаренти на кои пишива: „Страни Гоце те продадоа“, „Ние сме држава – не територија“, „Делчев е црвената линија“, „Делчев е Македонија“, „Гоце не е Вице“.
Голем дел носеа и маски, додека дистанцата и на овој, како и на минатонеделниот протест, ретко кој одржеше.
ВМРО-ДПМНЕ ќе организира и следен протест, иако не кажа кога, Мицкоски рече дека овој е само подготвителен.
На масовност на следните протести, но и на обединување околу лидерот Мицкоски од кого дел од поранешни партиски функционери периодот бараат оставка, повика и Александар Пандов – првиот човек на новоформираниот Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој и девојка која беше дел од протестот, Стефани Најденовска, зборуваа пред обраќањето на Мицкоски.
Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски, ниту кој и да е од нас, рече Пандов, не може сам да ја спречи власта да го продаде најсветото.
“Единствениот начин е да излезе народ, многу народ низ македонските градови и села, сплотени. Само така можеме да ги соречиме, можеме да покажеме дека во оваа држава живее еден чесен и македонски народ, народ кој се идентификува како Македонец и зборува македонски јазик”,
рече Пандов.
Овој протест на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во период кога се очекува рестартирање на работата на експертските комисии со Грција и Бугарија кои се формирани согласно Преспанскиот и Договорот со добрососедство, нешто што го најавија од кабинетот на новиот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Работата на комисиите досега беше во застој поради ковид-кризата и предвремените парламентарни избори, а едно од прашањата околу кои претходно се судрија македонските и бугарските историчари беше токму Гоце Делчев.
Ова е трет од серијата тематски протести кои ги најави опозициската партија, а прв за Гоце Делчев.
Претходната недела ВМРО-ДПМНЕ организираше два протести кои беа против поскапувањето на струјата. Едниот беше протестен марш на 9 септември кој започна исто така од пред Министерството за правда, а заврши пред просториите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Тогаш Мицкоски настапи со три барања: враќање на старата цена на струјата, викенд без ДДВ и професионален состав на Регулаторната комисија. Два дена подоцна (на 11 септември), пак, со автомобили и пеш на еден час опозициската партија го блокираше сообраќајот во центарот на Скопје односно улиците кои водат кон просториите на РКЕ.