Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки, порача шефицата на државата, продолжи да се ткае и ткае, со знаење, вештина, храброст и вечна љубов кон уметноста. Таа во овој контекст спомена пет режисерки – претставнички на новата македонска авторска генерација во филмот, порачувајќи им да поттикнат и нови таленти во филмската ткајачка фабрика
„Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал. Тој е културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг, духовен и емоционален мост што ја поврзува македонската и балканска кинематографија со светската. Ова синоќа го порача претседателката Годана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на отворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Годинашниот слоган на фестивалот е „Ткајачи на филм“, кој, порача Сиљановска-Давкова, има силна метафора.
„Филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, од оригинални идеи, од визии. Се ткае во сегашноста, но и од минатото и од иднината, од традицијата и од иновацијата, од искуството на големите мајстори и од храброста на новите генерации. Токму вакво ткаење е историјата на ‘Браќа Манаки’. Од пионерскиот подвиг на Јанаки и Милтон Манаки, до современите врвни достигнувања на светската кинематографија, оваа фестивалска приказна се ткае како драгоцено културно наследство на филмскиот разбој“,
порача претседателката, додавајќи дека на новите генерации уметници треба да им се создадат услови да творат, да експериментираат и да го поместуваат хоризонтот на можностите.
Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки, додаде шефицата на државата, продолжи да се ткае и ткае, со знаење, вештина, храброст и вечна љубов кон уметноста. Таа во овој контекст спомена пет режисерки – претставнички на новата македонска авторска генерација во филмот, порачувајќи им да поттикнат и други авторски таленти и гласови во, како што ја нарече, филмската ткајачка фабрика.
„Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната!“,
рече Сиљановска-Давкова во обраќањето.
Претседателката го заврши својот говор оценувајќи дека колку и да се менуваат технологиите, останува темелното и суштинско сознание дека човекот и неговата емоција се најважните ткајачи на филмските приказни.
Во официјалната селекција на 47. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ годинава се најдоа и филмовите „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума и „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска.
