„Јасно кажав и останувам на зборот – нулта толеранција за секој што ги претвора јавните површини во депонии и го загрозува здравјето на граѓаните“, порача скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и информира дека доцна синоќа во скопска Кисела Вода е затекнато лице кое фрла кабаст отпад покрај контејнери
Скопкскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски објави дека доцна синоќа е санкционирано лице што фрлало градежен шут и кабаст отпад во скопска Кисела Вода. Отпадот бил фрлен околу контејнери, создавајќи дива депонија. Сторителот бил фатен на самото место од инспекторите на Град Скопје и веднаш санкциониран.

„Додека нашите екипи деноноќно работат за почист град, поединци го уништуваат сработеното и ја загадуваат околината во која сите живееме. За секоја ваква постапка нема толеранција! Таквата неодговорност нема да помине без санкција! Јасно кажав и останувам на зборот – нулта толеранција за секој што ги претвора јавните површини во депонии и го загрозува здравјето на граѓаните“,
напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Градоначалникот информира и дека во тек е постапка за поставување камери на јавни површини за побрзо откривање и санкционирање на луѓето што несоодветно го одлагаат отпадот.
Вчера полицијата санкционира 22-годишник за несоодветно одлагање кабаст отпад во скопско Шуто Оризари, а пред неколку дена беше казнета жената која беше снимена како фрла отпад во реката Лепенец во Скопје.
