Опозицијата реши да направи исклучок и да асистира за обезбедување кворум на седницата за Законот за заштита од заразни болести, иако нема да гласа „за“ поддршка на решенијата што предвидуваат забрани за групирање и собирање и носење маски и на отворено
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седницата на која ќе се расправа за измените во Законот за заштита од заразни болести, ама ќе гласаат „воздржано“ за новите мерки за заштита од ковид-19 предвидени со ова законско решение, најави координаторот на опозициската пратеничка група Никола Мицевски.
Тој образложи дека одлуката да се гласа „воздржано“ е поради тоа се проценило дека законот што го подготви Владата не нуди мерки какви што очекуваат граѓаните.
„Во самиот вовед на законот пишува дека се наметнува потреба за ревидирање на прекршочните одредби, што е сосема поразлично од она што го кажува изминатите два дена министерот за здравство Венко Филипче“,
рече Мицевски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ дури и побарала седницата за овој закон да се одржи вчера или денеска, посочувајќи дека поголем број од пратениците веќе биле во собраниската зграда поради комисиската расправа за ребалансот на Буџетот.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седницата, ќе направат кворум, ама ќе гласаат воздржано, затоа што повторно не наидовме на добра волја од страна на Владата и Министерството за здравство за одредени мерки“,
изјави координаторот на пратеничката група на опозициската партија.
Според него, зголемувањето на бројките на заболени и починати од ковид-19 претставува фијаско на владините здравствени политики.
Мицевски пред извесно време изјави дека ВМРО-ДПМНЕ, како опозициска партија, нема намера да им прави кворум во парламентот на пратениците од мнозинството.
Спикерот Талат Џафери денеска најави дека седницата за Законот за заштита од заразни болести ќе почне на 27 овој месец, на седница на чиј дневен ред се и ребалансот на Буџетот и законот за заштита од дискриминација. Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за итна седница за Законот за заразни болести, Џафери рече дека нема намера за една точка да закажува посеба седница.
До 27 октомври се очекува да се врата на работа и тројцата пратеници што беа заразени со ковид-19, од кои двајца се од мнозинството, така што, според проценките во парламентот, веројатно нема да биде проблем и без ВМРО-ДПМНЕ да се обезбеди кворум од најмалку 61 пратеник.
Од СДСМ денеска реагираа дека Законот за заштита од заразни болести досега ќе беше донесен доколку ВМРО-ДПМНЕ не бараше негово одложување.