„За Обвинителството ваквите предлози апсолутно беа неприфатливи, прво немаат допирна точка со она што е предмет на обвинение, ниту пак околностите што одбраната ги наведе како причина зошто се истите предложени како сведоци, за обвинителството не беа прифатливи“, изјави обвинителката Спасенка Андонова на денешното рочиште
Обвинителството ги отфрли како целосно неприфатливи предлозите на одбраната за сослушување на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко и неговиот син Михајло Јованов во судскиот процес против деветтемина полициски службеници за наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект.

По презентираните доказни листи од страна на одбраната, обвинителката Спасенка Андонова на денешното рочиште рече дека предложените сведоци немаат никаква допирна точка со суштината на обвинението.
„За Обвинителството ваквите предлози апсолутно беа неприфатливи, прво немаат допирна точка со она што е предмет на обвинение, ниту, пак, околностите што одбраната ги наведе како причина зошто се истите предложени како сведоци, за обвинителството не беа прифатливи“,
изјави обвинителката Спасенка Андонова по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје.
Дејан Јованов-Деко и неговиот син беа предложени од одбраната на еден од обвинетите полициски службеници како сведоци во судскиот процес против деветтемина полицајци обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со работењето на „Пулс“. Според обраната, Јованов пред Судот треба да даде исказ за тоа дали се стекнал со противправна имотна корист, дали имал контакти и дали се познавал со обвинетиот.
Коментирајќи ги наводите на одбраната, обвинителката Спасенка Андонова по денешното рочиште изјави:
„Фокусот на обвинението не е само добивањето на плата на Дејан Јованов, туку низа дејствија што биле преземени, односно недоволно преземени дејствија од страна на полициските службеници што довеле до непречено функционирање на правниот субјект, односно во тој временски период остварување на финансиски промет.“
Судењето против деветтемина полициски службеници, кое треба да продолжи на 5 ноември, се однесува на наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за „Пулс“. Обвинителството тврди дека обвинетите не ги извршиле целосно потребните проверки за исполнување на безбедносните и законските услови, со што му овозможиле на објектот да добие и да користи лиценца за работа. Обвинети се за злоупотреба на службената положба и овластување, а претходно пред Судот се изјаснија за невини.
