„Интересно е дека никој не смее да каже ниту збор за ова. Молчи Европската Унија, молчат сите, молчат многу новинарски здруженија, колегите новинари. Да го направевме ние тоа со Н1 и Нова, кои говореа десетпати пострашни работи од што било што зборуваше Вучиќевиќ за блокадерите, ќе бевме најлоши насилници, диктатори, автократи, којзнае што не“, изјави експретседателот на Србија во синоќешното видеообраќање
Поранешниот српски претседател и екслидер на СНС, Александар Вучиќ, синоќа преку видеообраќање на социјалните мрежи реагираше во врска со упадот на демонстрантите во просториите на српскиот таблоид „Информер“, оценувајќи го за монструозно насилство без преседан.

Обвини дека упадот во „Информер“ е напад на слободата на изразување, на јавниот збор и на новинарството.
„Интересно е дека никој не смее да каже ниту збор за ова. Молчи Европската Унија, молчат сите, молчат многу новинарски здруженија, колегите новинари бидејќи најверојатно имаат право да се изживуваат врз Драган Вучиќевиќ. Да го направевме ние тоа со Н1 и Нова, кои говореа десетпати пострашни работи од што било што зборуваше Вучиќевиќ за блокадерите, ќе бевме најлоши насилници, диктатори, автократи, којзнае што не“,
изјави Вучиќ во видеообраќањето.
Уште поопасно, според него, е што уредникот на „Информер“, Драган Вучиќевиќ, го повикал носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ, и го замолил за помош, а тој не се одѕвал на повикот.
„Вучиќевиќ го повика првиот на блокадерската листа, Срдановиќ, и го праша дали ќе му помогне и ќе ги замоли луѓето да излезат надвор. Тој тоа не сакаше да го направи. Имаме работа со опасни и неодговорни луѓе, со луѓе кои мислат деак сите би требало да им се плашат. Гадно се излажаа. Но, ова ви кажува колку малку беше потребно. Само еден ден. И тоа од моментот кога признавме и ја честитавме победата, што тие не би го направиле“,
рече Вучиќ.
Им заблагодари на неколкутемина полицајци кои излегле на терен да интервенираат, за разлика од другите кои, според него, одлучиле да ѝ се умилкуваат на новата власт.
„Нам ни останува да се подготвиме за долга, тешка и мачна борба од која ќе излеземе како победници“,
додаде експретседателот на Србија во обраќањето.
По синоќешниот упад на дел од демонстрантите во просториите на српскиот таблоид „Информер“ близок до СНС, студентите и носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ, рекоа дека не ги поддржуваат упадите во медиумите и ги повикаа граѓаните да не посегнуваат по никаков вид насилство.
