Обвинители од „организиран криминал“ почнале да собираат податоци за случајот со поранешниот шеф на Генералниот секретаријат на „Илинденска“ бр.2, кој е моментно на одмор во Мексико
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција почнало да собира податоци за софтверот за сообраќајни прекршоци што го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, откако вчера беше отворена предистрага за случајот што го обелодени „360 степени“.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска потпишала повеќе наредби во рамки на предистрагата, така што од Генералниот секретаријат на Владата, во рок од две седмици, ќе треба да ги достават документи што ќе ги побараат истражителите. Тие собираат податоци и за „Инвока груп“- фирмата која го изработила софтверот. Тоа што Рашковски моментно е во Мексико, не е проблем за предистрагата, во кој се утврдува дали имало кривично дело поврзано со тендерот.
–
„Потпишав повеќе наредби за да се собере документацијата, и од Владата и од други институции. Вчера беше оформен предметот. Рано е да се каже дали и кое кривично дело е во прашање. Не е проблем што Рашковски не е тука, ние имаме други тековни активности кои мора да ги завршиме, рано е за распити“,
вели Русковска за ТВ24.
Рашковски, како генерален секретар на Владата, раководеше со Генералниот секретаријат во целиот мандат на претходната Влада на СДСМ и уште неколку месеци по изборот на новиот кабинет на Заев. Во ноември минатата година, Владата го избра Мухамед Зекири за нов генерален секретар,додека Рашковски беше спуштен скалило подолу. Поточно, тој беше именуван за секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма, набрзо откако Владата одлучи да формира три нови секретаријати.
„360 степени“ пред десетина дена ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, што Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба. Подоцна, „360 степени“ откри дека токму Рашковски е автор на таков сличен софтвер, а во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.