За време на паузата, која започна во петокот, беа ослободени десетици заложници, а повеќе од 100 палестински затвореници за возврат беа ослободени од Израел

ФОТО: EPA-EFE/ATEF SAFADI
На четвртиот, последен ден од договореното примирје, Израел го доби списокот со последните 11 заложници кои треба да бидат ослободени денеска, по 52 дена поминати во заробеништво на Хамас.
За време на паузата, која започна во петокот, беа ослободени десетици заложници, а повеќе од 100 палестински затвореници за возврат беа ослободени од Израел.
Хамас вчера соопшти дека на третиот ден од прекинот на непријателствата со израелската армија ослободил 13 израелски заложници, како и четворица странци – тројца тајландски и еден руски државјанин.
„Гардијан“, повикувајќи се на агенцијата „Фран прес“, пренесува дека вниманието сега е свртено кон тоа дали примирјето ќе биде продолжено пред неговото планирано завршување во вторник рано наутро.
Во соопштението објавено синоќа, Хамас вели дека сака да го продолжи примирјето по завршувањето на четиридневниот период, преку сериозни напори да го зголеми бројот на ослободени од затвор како што е предвидено во договорот за хуманитарен прекин на огнот.
Од друга страна, воениот кабинет на Израел вчера разговарал за можноста за продолжување на привременото примирје со Хамас, изјави израелски извор за Си-ен-ен.
Изворот вели дека условите за продолжување остануваат непроменети од првичниот договор, што значи дека Хамас треба да ослободи дополнителни десет заложници за секој дополнителен ден пауза во борбите.
Овој став на Израел премиерот Бенјамин Нетанјаху во неделата му го пренел на американскиот претседател Џо Бајден велејќи дека можноста за продолжување на примирјето со Хамас би била добредојдена во замена за продолжување на ослободувањето на 10 заложници дневно од Газа.
„Вечерва вративме уште една група заложници – жени и деца и трогнати сме кога го гледаме ова семејно обединување. Тоа само ја допира душата. Постои и нацрт кој вели дека е можно да се ослободуваат дополнителни десет заложници секој ден. Тоа би било добредојдено“,
рекол Нетанјаху.
Ако заврши примирјето, Нетанјаху рекол дека Израел ќе тргне со полна сила за да ги постигне целите: да го елиминира Хамас, да се погрижи Газа никогаш да не се врати на она што беше и – се разбира – да ги ослободи сите нивни заложници.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, изразува желба да продолжи паузата во борбите.
„Тоа е мојата цел, тоа е нашата цел, да ја задржиме оваа пауза за да можеме да продолжиме да гледаме како излегуваат повеќе заложници и се дава повеќе хуманитарна помош за оние на кои им е потребна во Газа“,
рекол Бајден.
Израел и Хамас постигнаа договор минатата недела за четиридневна пауза во борбите и ослободување на најмалку 50 жени и деца држени како заложници во Газа.
Договорот вклучуваше ослободување на заложниците кои беа заробени од Хамас во замена за голем број палестински жени и деца во израелските затвори. Во меѓувреме, примирјето дозволи влез на поголем број хуманитарни конвои и хуманитарна помош. Првото ослободување на заложниците и затворениците се случи во петокот, а другите беа во саботата и неделата.