Сепак, како што јавуваат повеќе медиуми, адвокатот на Алабаковски, Дарко Стефановски, потврдил оти како мерка на претпазливост Основниот суд во Битола одлучил на пејачот да му биде одземен пасошот, затоа што поседува двојно државјанство, македонско и американско
Пејачот Ламбе Алабаковски е пуштен на слобода, по завршувањето на осумдневниот притвор кој му беше определен поради обвинението за палењето на влезот на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Сепак, како што јавуваат повеќе медиуми, адвокатот на Алабаковски, Дарко Стефановски, потврдил оти како мерка на претпазливост Основниот суд во Битола одлучил на пејачот да му биде одземен пасошот.
Познатиот македонски поп-пејач Ламбе Алабаковски е осомничен за кривично дело – предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик, за подметнување пожар во кој се запали вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 4 јуни.
Три дена по настанот, на 7 јуни, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека е откриен сторителот на пожарот во бугарскиот клуб во Битола, по што судија на претходна постапка му одреди осумдневен притвор, кој беше заменет со куќен притвор, со образложение дека постои можност за бегство затоа што пејачот има двојно државјанство, македонско и американско.
Откако во јавноста се појави информацијата дека македонскиот поп-пејач Ламбе Алабаковски е виновен за палењето на вратата на бугарскиот културен центар во Битола, адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски на социјалните мрежи објавија дека се подготвени бесплатно да го бранат пејачот, а поддршка доби и од политичката партија Левица.
Палењето на бугарскиот клуб во Битола предизвика остри реакции од бугарската влада. Бугарската министерка во оставка, Теодора Генчовска веднаш по настанот се упати во Битола и го посети центарот „Иван Михајлов“, каде се сретна со шефот на дипломатија Бујар Османи и од македонските власти побара решавање на случајот.
Пожарот е израз на говор на омраза, рече Генчовска, и додаде дека се очекува Северна Македонија и нејзината Влада да имаат кохерентна сеопфатна политика за справување со говорот на омраза, додавајќи оти не верува дека инцидентот ќе влијае на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија.