Испитувањето ќе опфати три категории граѓани, а подоцна, како стратегија, ќе се примени и на територијата на целата држава, откако ќе стивне епидемијата
Масовниот скрининг за испитување на имунитетот на жителите на Дебар, по излегувањето на општината од карантинот поради коронавирусот, ќе почне наскоро, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека скринингот ќе опфати три категории граѓани и дека подоцна, како стратегија, ќе се примени и на територијата на целата држава, откако ќе стивне епидемијата. Министерот, исто така, рече дека состојбата во општината, во која уште на почетокот на март беше прогласена кризна состојба – заедно со Центар Жупа, сега е стабилна веќе подолго време.
„Ситуацијата во Дебар е стабилна подолго време. Има само неколку активни случаи и нема нови. Тоа беше одличен старт за скринингот. Таму се испратени тестовите и во догледно време овој скрининг ќе се спроведе потполно меѓу три категории граѓани. Во наредниот период тоа како стратегија треба да се спроведе и на целата територија на државата за испитување на имунитетот на населението, ама тоа нема да биде сега“,
рече Филипче.
*поврзани вести: Во Дебар и Центар Жупа ќе се прави скрининг кој ќе опфати 20-30 проценти од населението
Ќе има масовен скрининг за коронавирусот, но тоа не значи дека секој ќе биде опфатен
По речиси две недели, двајца новозаразени во Дебар – во градот, сепак, се враќа надежта
Тој посочи и дека мерките и рестрикциите што беа преземени во изминатиот период, на територијата на целата држава, се покажале како ефикасни и апелира граѓаните и натаму да ги почитуваат препораките.
„Нашите проекции за епидемиолошката крива се растегна. Мерките и проценките се покажаа како исклучително добри и точни. Врз основа на овие проекции изградивме добра стратегија. Но олабавувањето на рестрикциите не значи дека епидемијата е завршена. Треба и натаму да се придржуваме кон препораките, затоа што само така мерките ќе имаат ефект и понатаму“,
рече Филипче.