Градоначалникот Хекуран Дука апелира до сограѓаните да не ги обзема еуфорија, затоа што досега е добиена само една битка
Во статистиката за последните 24 часа не се регистрирани нови случаи на коронавирус во Дебар, откако во претходното деноноќие двајца новозаразени ја прекинаа „паузата“ од речиси две седмици во оваа општина, која еден месец беше во карантин, заедно со соседната Центар Жупа.
Новозаразените се од персоналот во болницата во Дебар, поради што неколку други вработени се ставени во домашна изолација. Директорот на болницата информираше дека во оваа здравствена установа се пристигнати двајца лекари – пулмолог и кардилог, бидејќи вчера заврши двенеделното ангажирање на екипа на специјалисти од Клиничкиот центар во Скопје.
Со вчерашните два нови случаи бројката на регистрирани заразени со ковид-19 во овој град е зголемена на 51, отакако сите овие денови беше „замрзната“ на 49. Сепак, Дебар веќе подолго време не е град со најголем број заразени во земјава, како што беше на почетокот на епидемијата. Според последната статистика на здравствените власти, освен во Скопје и во Куманово, сега повеќе заболени од ковид-19, во споредба со Дебар, има и во Прилеп – 103 и во Струга – 52.
Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, на денешната прес- конференција, апелираше до сограѓаните да не ги обзема еуфорија и триумфализам, туку и понатаму строго да ги почитуваат мерките и препораките.
„Она што досега го направивме заедно е само една добиена битка, но се уште ја немаме добиено војната. Победата над оваа пандемија ќе биде тогаш кога ќе ја добиеме втората битка и ќе се вратиме во нормален живот. До тогаш важат мерките на вонредна состојба. Сега се е во наши раце, дали ќе има новозаразени зависи од нас и нашето однесување, од тоа колку ќе ги почитуваме мерките и препораките на надлежните“,
рече Дука.
Тој укажа дека целта на превентивните мерки не е да се создаде паника, туку да се заштити здравјето на граѓаните. Посочи и дека триесетдневниот карантин му донесе голема економска штета на Дебар, така што се доведува во прашање опстанокот на повеќе мали и средни бизниси.
„Ги замолувам сите да ги искористат мерките на Владата, како што се субвенциите за плати на вработените, мали кредити без камата и слично. Бараме дополнителни економски мерки за Дебар, зашто занаетчиите, кафулињата, рестораните, во периодот на карантин воопшто не работеа“,
рече Дука.
Министерот за здравство Венко Филипче, пред неколку дена, најави дека ќе се прави скрининг на населението во Дебар и Центар Жупа, со оглед на тоа што таму веќе извесен период не се дијагностицираат пациенти.
*поврзана вест: Микиќ: Дополнителен карантин не е решение за Куманово, доволни се рестриктивните мерки