Шефот на државата смета дека прашањето треба да биде без споменување договори и точки туку опозицијата да излезе со чесна формулација, а другите партии да не бојкотираат
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за неделникот „Фокус“, дава предлог како да гласи референдумското прашање доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата по усвојувањето на „францускиот предлог“.
„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки … Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“,
вели Пендаровски.
Шефот на државата смета и дека во таква ситуација треба да се сменат и правилата со цел референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјасниле мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.
Идејата за референдум во јавност ја промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по што Извршниот комитет на партијата на седница на 21 јули ја поддржа иницијативата. За прашањето, природата и карактерот на референдумот, рекоа од опозициската партија, дополнително ќе прават консултации со експертската и општествената јавност.
Во интервју за „Дојче веле“ објавено денеска, пак, Мицкоски најави дека во втората половина на август, партијата ќе излезе со прецизни решенија за референдумот, кои како што вели, „ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се урнат овие штетни политики и очигледни блокади“.
Од владејачкиот СДСМ, пак, неколку пати се изјаснија дека нема да поддржат референдум, како што велат, против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ.