Генералниот секретар на партијата смета дека народот на референдум ќе се спротивстави на, како што рече, антимакедонското делување на владата и предавството на националните и државните интереси во однос на спорот со Бугарија
Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ ја прифати иницијативата за референдум во однос на спорот со Бугарија, која изминатите денови во јавноста ја најави партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Меѓутоа, како ќе гласи референдумското прашање од партијата сè уште не одлучиле и најавуваат дека во наредниот период ќе прават консултации со експертската јавноста.
„ИК едногласно и во целост ја прифати иницијативата за референдум и народно изјаснување во однос на штетните делови кои опфаќаат целосна асимилација, промена на историјата и бугаризација на Македонија. Воедно, во периодот што следи партијата започнува процес на широка консултација со експертската и општествената јавност за природата, карактерот и формулацијата на референдумското изјаснување чија крајна цел е народно спротивставување на процесот на асимилација и идентитетско обезличување“,
изјави генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, откако беа донесени вакви заклучоци на вечерашната седница на ИК во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој е уверен дека на референдум народот ќе се спротивстави на, како што рече, антимакедонското делување на владата и предавството на националните и државните интереси во однос на спорот со Бугарија.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ИК на партијата од вечерашната седница посочува дека излегле на површина сите лаги што ги кажале од владата изминатиот период во однос на преговорите со ЕУ и спорот со Бугарија.
„Ветија и излажаа дека историските процеси не се дел од овој процес, ветија и излажаа дека македонскиот јазик е гарантиран, но во исто време кога Бугарија испрати декларација за негирање на македонскиот јазик, владата испрати скандалозен текст за македонскиот јазик во Брисел. Ветија и излажаа дека преговорите започнуваат веднаш, а всушност преговорите започнаа само за Албанија, за Македонија не се сè уште почнати“,
рече Сајкоски.
Тој уште еднаш нагласи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се гаранција дека нема да поддржат уставни измени кои, според опозицијата, би овозможиле спроведување на процесот на бугаризација и идентитетско обезличување.