Францускиот претседател, како актуелен претседавач, свика видеоконференција на лидерите на Г7 за да разговараат за глобалниот скок на цените на дизелот, како и за заканата на Трамп дека ќе го запре извозот на американски дизел доколку Европа не ги искористи сопствените резерви за да помогне во смирувањето на глобалните пазари
Лидерите на земјите од групата седум најразвиени (Г7) ќе ослободат до 100 милиони барели од своите итни резерви на дизел и сурова нафта, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го прекине снабдувањето со дизел од САД, пренесоа светските медиуми.

Ова го соопшти францускиот претседател Емануел Макрон по разговорите одржани во петокот (2 октомври), на кои, како што изјави тој, некои од најголемите светски економии се согласиле да ослободат дел од своите стратешки резерви на нафта и дизел.
Макрон свика видеоконференција на лидерите на Г7 за да разговараат за глобалниот скок на цените на дизелот, како и за заканата на Трамп дека ќе запре извозот на американски дизел доколку Европа не ги искористи сопствените резерви за да помогне во смирувањето на глобалните пазари.
Според предлозите што ги изготвил Макрон, како актуелен претседавач со Г7, земјите членки ќе ослободат 50 милиони барели дизел и 50 милиони барели сурова нафта на глобалниот пазар во наредните четири месеци со цел да се намалат цените, пишува „Гардијан“.
Американскиот претседател изјави дека размислува за забрана на извозот на дизел, откако наглиот пораст на продажбата кон странски купувачи ги подигна цените на ова гориво на рекордно ниво во САД, предизвикувајќи сериозен удар врз економијата на земјата на само неколку недели од среднорочните избори за Конгресот.
Соединетите Држави се клучен снабдувач со дизел во светот, извезувајќи меѓу 1,2 и 1,5 милиони барели дневно, а експертите предупредуваат дека забраната за испораки во странство би можела дополнително да ги зголеми цените во другите земји.
Макрон рече дека земјите од Г7 – САД, Велика Британија, Германија, Италија, Канада и Јапонија – сакаат „координирано да дејствуваат за да помогнат во намалувањето на цените на нафтените деривати, особено на дизелот“.
Тој додаде дека членките и партнерите на Г7 ќе ослободат значителни количини дизел во првите 20 дена, како и дека во наредните денови министрите повторно ќе разговараат околу можноста за дополнително ослободување на горивото, доколку е потребно.
„Сите заедно се обврзавме да ги ослободиме овие стратешки резерви во пропорциите што ги споменав, со фокус на дизелот, и сите сме посветени на тоа да нема забрани за извоз“,
рече францускиот претседател.
Je viens de réunir les dirigeants du G7 pour évoquer la situation énergétique mondiale.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) October 2, 2026
Nous sommes d’accord pour travailler de manière coordonnée pour contribuer à la baisse des prix des produits pétroliers, notamment du diesel.
Nous avons décidé de :
→ flexibiliser la… pic.twitter.com/ilaXb94kD6
Макрон нагласи дека и американскиот претседател Трамп бил многу јасен во врска со ова прашање.
Трамп во објава на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) напиша дека Европа се согласила „да ослободи огромна количина од своите големи залихи на дизел“ и дека процесот ќе започне веднаш. Заканата од американска забрана за извоз претставуваше значителен предизвик за Европа, која иако 70 проценти од дизелот што го троши го произведува во домашни рафинерии, сепак се потпира на увоз за да го надомести недостатокот.
Прекините во извозот на фосилни горива од Блискиот Исток поради војната на САД со Иран го ограничија производството во рафинериите од тој регион, како и во оние во Кина, која е еден од главните купувачи на сурова нафта од Персискиот Залив. Во меѓувреме, нападите на Украина врз руските рафинерии предизвикаа пад на производството на гориво во земјата на најниско ниво во последните 20 години.
Како одговор на тоа, на почетокот на август САД извезоа рекордни 1,9 милиони барели дизел неделно за странски купувачи, бидејќи намалувањето на производството во рафинериите на глобално ниво предизвика недостиг на залихи низ Европа и Азија.
Овој рекорден извоз, пак, доведе до пад на американските залихи на нафтени деривати на најниско ниво од 1996 година, кревајќи ја цената на дизелот на бензинските пумпи во земјата на над 5,85 долари за галон (1,39 евра за литар).
