Социјалдемократите велат дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ не знае какво прашање ќе постави на евентуалниот референдум покажува дека партијата не знае каде тера. Тие, велат од СДСМ, бараа референдум и за Преспанскиот договор, па го бојкотираа, а собираа потписи за референдум за пописот и на крај се откажаа
Референдум против македонски јазик во ЕУ не е потребен. СДСМ нема да поддржи референдум којшто е против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ.
Ова е дел од реакцијата на социјалдемократите по вечерашната седница на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ на која беше прифатена иницијативата за референдум во однос на спорот со Бугарија, што пред неколку дена во јавноста ја промовираше партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Според социјалдемократите, тоа што ВМРО-ДПМНЕ не го знае ниту референдумското прашање е доказ дека партијата не знае каде тера.
„Тоа што сè уште не знаат какво прашање да постават пред граѓаните зборува дека ВМРО-ДПМНЕ не знае каде тера, само сака да направи некаква штета и ништо повеќе. Како и досега. Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса, таму ништо не се одлучува, само се исполнуваат желбите на Мицкоски. Досега сите лаги на Мицкоски се разобличени, сите негови обиди пропаднати, така ќе биде и овој пат“,
велат од СДСМ откако од опозицијата рекоа дека прашањето сè уште не го одлучиле бидејќи прво ќе спроведуваат широки консултации со сите релевантни општествени фактори.
Од владејачката партијата го обвинуваат Мицкоски дека е против ЕУ и според нив, референдумот е само уште еден обид да се попречи нешто. ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ, бараше референдум и за Преспанскиот договор, па потоа го бојкотираше.
„Откако потонаа сите лаги, манипулации, црни сценарија, обиди да ја закочи европската иднина на државата, Христијан Мицкоски тоне и сака да ја повлече цела држава. Тоа СДСМ, заедно со граѓаните нема да му го дозволи. Граѓаните многу добро знаат дека токму ВМРО-ДПМНЕ бараше референдум и за Договорот од Преспа па потоа го бојкотираше. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски собираа потписи и за иницијатива за референдум за пописот, па потоа се откажаа. Не му се криви граѓаните на Мицкоски што ги лажеше за некаква бугаризација и асимилација која сите видоа дека не постои“,
наведуваат од СДСМ во својата реакција.