Се пополнуваат амбасадорските позиции во Јапонија, Естонија, Австралија и во Холандија, како и во Советот на Европа
Осуммина нови амбасадори на земјава ќе заминат наскоро на функциите, откако завршија процедурите за нивно именување.
Претседателот Стево Пендаровски ги прими новоименуваните амбасадори на Северна Македонија пред заминување во мисиите каде што ќе ги извршуваат своите дипломатски должности.
Со нивното именување се пополнуваат испразнетите дипломатски мисии во соседна Грција, како и во Хрватска и во Чешка. Се пополнуваат и амбасадорските позиции во Јапонија, во Естонија, во Австралија и во Холандија, додека, на мултилатерален план, како наша амбасадорка во Советот на Европа заминува Светлана Гелева од МНР.
Дипломат во МНР е и Сашко Тодоровски, кој е именуван за амбасадор во Прага.
Горан Цеков заминува во Јапонија, Билјана Стефановска-Сековска во Австралија, Бети Јачева во Холандија, а Драган Јордановски во Естонија.
Исто така, Лидија Бошковска оди за амбасадорка во Атина, а Милаим Фетаи во Загреб.
Првата група амбасадори што Владата ги предложи уште во декември 2019 година, пред распишувањето на предвремените парламентарни избори, заминааво мисиите кон крајот на минатата година .
Тогаш, освен амбасадорското место во НАТО во Брисел, се пополнија и позициите во Приштина и во Тирана, а сега заминува нова амбасадорка и во Атина.
Сепак, во непосредното соседство, и натаму се празни амбасадорските места во Белград и во Софија, а Северна Македонија нема амбасадор ниту во Вашингтон ниту во Москва…