Додека некогашниот шеф на дипломатијата Фрчкоски се подготвува да замине во Вашингтон, доскорешниот заменик во МНР е во игра за амбасадор во седиштето на ОН
Следни за пополнување се амбасадорските места во Брисел, Москва, но и во Белград и во Софија
Андреј Жерновски, член на Централниот одбор на СДСМ и поранешен заменик-министер за надворешни работи, е најсериозен кандидат за нов македонски амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, дознава „360 степени“.
Според сознанијата, се уште не е официјализирана постапката за именување, која почнува од Министерството за надворешни работи, па продолжува преку Владата и претседателот на државата, за во својата завршница пред домашните институции да влезе со одбраната на тезите во собраниската Комисија за надворешни работи. Сепак, опцијата Жерновски да биде амбасадор во седиштето на ОН веќе е ставена на маса и многу веројатно е дека ова ќе биде следното дипломатско претставништво на Северна Македонија кое ќе биде пополнето.
Во политичкото портфолио на поранешниот претседател на ЛДП, освен заменичката функција во МНР е запишан и долгогодишен пратенички стаж, како и еден градоначалнички мандат во Центар, во период кога сите други скопски општини, како и повеќето во државата, беа под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Нашата држава веќе неколку години нема амбасадор во Обединетите нации, откако оттаму се врати дипломатот од МНР, Василие Андоновски. Во меѓувреме, земјава доби поинаков статус во светската организација, каде што сега е заведена под новото име Северна Македонија, наместо референцата ПЈР Македонија.
Освен некои позиции во рамки на мултилатералата, се уште се празни најзначајните амбасадорски места на билатерален план. Речиси три години, Северна Македонија нема амбасадор ниту во Вашингтон, откако оттаму се врати некогашниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски.
Сепак, и оваа дипломатска позиција се очекува да биде пополнета наскоро, затоа што веќе е при крај постапката за испраќање на универзитетски професор Љубомир Фрчкоски. Некогашниот министер за внатрешни и за надворешни работи ќе биде првиот амбасадор на Северна Македонија во Вашингтон, откако земјата стана полноправна членка на НАТО.
Допрва треба да се пополнат и амбасадорските места во Брисел, но и во Москва. Посебно значајно за земјава е да ги пополни испразнетите дипломатски позиции во земјите во регионот, пред се во непосредното соседство.
Според информации на „360 степени“, приоритетни се амбасадорските позиции во Белград и во Софија, за што, според наводите, се посветува особено внимание на кадрите кои би биле предложени, со оглед на актуелната констелација на односи на Северна Македонија, со овие две земји, особено со Бугарија. Притоа, како што се посочува, се има предвид и нашата регионална позиционираност како нова членка на НАТО од Западен Балкан и како земја која чека почеток на преговори со ЕУ.
Пред еден месец, МНР го извести Собранието да се прекине постапката за именување на Васко Грков (кадар од Министерството) за вонреден и ополномоштен амбасадор на земјава во Србија. Последен амбасадор во Софија, пак, беше Марјан Ѓорчев, поранешен пратеник и министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Кон крајот на минатата година, шефот на дипломатијата Бујар Османи успеа да ја испрати првата група нови амбасадори на земјава, чии имиња беа усогласени меѓу Владата и претседателот Стево Пендаровски уште кон крајот на 2019 година, пред распишувањето на предвремените парламентарни избори и додека министер за надворешни работи беше Никола Димитров. Сепак, постапката за испраќање на новите дипломатски претставници се одолговлече поради блокадата во собраниската Комисија за надворешни работи, чиј претседател, во претходниот собраниски состав, како и сега, е поранешниот шеф на дипломатијата, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Османи, пред извесно време, повторно го опомена Милошоски да не го кочи пополнувањето на македонските дипломатско-конзуларни претставништва, туку да им овозможи на именуваните амбасадори да го презентираат своите тези пред пратениците во матичната собраниска комисија со која раководи.