Тоа е правиот пат кој што треба да го следиме преку институционалните механизми да се гради довербата помеѓу двете држави и помеѓу двете општества и градење на заедничката иднина во рамките на Европската Унија, истакна Османи
Шефот на дипломатијата Бујат Османи денеска во видео-изјава соопшти дека за време средбите планира за утре во Софија, во чија официјална посета е, меѓу другите ќе го отвори и прашањето за отворање на македонски културен центар во Благоевград.
Османи изјавата, како што може да се забележи од видеото, а како што истакнува и тој самиот на почетокот од обраќањето, ја даде пред Македонскиот културен центар во Софија.
„Поздрав од Македонскиот кулктурен центар во Софија во пресрет на бројните средби денеска и утре во рамки на мојата дводневна работна посета на Софија“,
рече Османи.
Посочи дека за време на посетата на Бугарија ќе се сретне со својот колега бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, со премиерот Донев, но и со лидерите на речиси сите парламентарни политички партии.
Целта како што истакна, шефот на дипломатијата е да се одржи и да се надогради конструктивната атмосфера во односите меѓу нашите две држави изградени посебно во последните неколку месеци, спречувајќи ги обидите за „киднапирање на таа агенда од тие што не посакуваат добри односи помеѓу нашите две пријателски држави“.
„Се разбира покрај другите утре ќе го покренам и прашањето за отворањето на Македонскиот културен центар во Благоевград сето тоа во функција на заемната промоција на културата во двете држави. Тоа е правиот пат кој што треба да го следиме преку институционалните механизми да се гради довербата помеѓу двете држави и помеѓу двете општества и градење на заедничката иднина во рамките на Европската Унија“,
истакна Османи.
Премиерот, Димитар Ковачевски, кон крајот на октомври, одговарајќи на новинарски прашања информираше дека во Министерството за култура и во Владата се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград, а барањето, како што најави, ќе биде испратено до бугарската влада.
Ковачевски изрази надеж оти барањето што ќе биде испратено до Бугарија за отворањето на Културно-информативен центар во Благоевград ќе биде одобрено и заеднички двете држави ќе можат да го отворат центарот.
Изјавата на Ковачевски дојде во екот на еуфоријата околу отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“, кој беше финансиран од приватни лица канадски државјани со македонско потекло, а здружението кое стоеше зад клубот во меѓувреме беше укинато од Окружниот суд во Благоевград.
На отврањето на клубот не присуствуваше ниту еден претставник на македонскиот државен врв . Од друга страна на церемонијата во Благоевград беа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со партиска делегација и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Отворањето на овој клуб во јавноста се протолкува како своевиден одговор на отворањето на бугарските клубови во земјава кои беа именувани по контроверзни историски личности, соработници на фашистичката оска за време на Втората светска војна.
Поради ваквите тенденции, Собранието, минатата недела изгласа измени на Законот за здруженија и фондации со кои се забранува имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн.