Измените предвидуваат отфрлање на фашизмот, националсоцијализмот, нацизмот во сите општествени форми на здружување. Законите имаат и ретроактивно дејство бидејќи сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени
Пратениците во Собранието денеска ги изгласаа измените на законите за здруженија и за политички партии со кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн.
Измените на Законот за здруженија и фондации беа предложени од ВМРО-ДПМНЕ, додека на тој за политички партии од СДСМ. И за двата закони „за“ гласаа 67 пратеници и ниту еден „против“ или „воздржан“.
Законските измени доаѓаат откако во земјава беа отвори бугарски клубови со контроверзни имиња од историјата поврзани со фашизмот – клубот „Ванчо Михајлов“ отворен на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Власта и опозицијата сложно ги изгласаа измените
Во образложение за измените на Законот за здруженија и фондации, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи рече дека во последните осум месеци сме сведоци за обиди на ревидирање и извитоперување на историските вистини во државата.
„Човештвото сè уште носи лузни од геноцидот и етничкото чистење, расизмот, антисемитизмот и ксенофобијата, а меѓународната заедница како и сите ние имаме голема одговорност во спречување на овие зла. Страшната вистина за фашизмот и нацизмот мора сите заедно да ја браниме од оние коишто ја негираат. Мора да ја зајакнеме моралната и политичката посветеност на нашата влада и институциите за да обезбедиме можност идните генерации да ги разберат причините за пандемијата на омраза и лудилото од Втората светска војна, во која Македонија даде повеќе од 25 000 жртви, од кои 7 144 Евреи“,
рече Мизрахи.
Токму од овие причини, додаде пратеничката од собраниската говорница, денеска носиме мал, навидум незначителен закон, што ќе биде употребен за да го заштити антифашистичкото минато и историската вистина на нашата земја.
Пратеничката од владејачкото мнозинство, Соња Мирковска од НСДП, рече дека во целост го поддржуваат предлогот на опозицијата за измените на овој закон.
„Како владејачка партија учествувавме во изработката на овој закон за да стане пооперативен и практично го носиме заедно. Сметам дека после сè она што се случуваше е исклучително важно да се оградиме од таквите случувања, да не дозволиме да ни се формираат такви здруженија во државата, и ова е начинот како може да се стави браната“,
рече Мираковска.
Нејзината колешка од СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева, пак, ги образложи измените во Законот за политички партии. Двата закона, рече таа, имаат иста цел.
„Таа цел произлегува и од членот 20 од Уставот, но се надополнува на она што значи предизвици на новите времиња, што придонесуваат да се создаде потребата од ваквите измени, и целта на предлог законот што содржи две одредби е зголемување на транспарентноста и дистанцирање од се она што значи фашизам, нацизам, национал-социјализам и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени на една демократска, цивилизирана и правна држава“,
рече Калевска-Ванчева.
Што пишува во законските измени
Конкретно измените предвидуваат отфрлање на фашизмот, националсоцијализмот, нацизмот во сите општествени фори. Дел од измените во Законот за здруженија и фондации гласат:
„Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“.
Понатаму, со нив се наведува и дека како име, скратено име или назив на една организација не може да се употребува нешто што во минатото се поврзува со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх.
Законот за здруженија и фондации предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.
Законските измени имаат и ретроактивно значење односно предвидува дека сите досега формирани организации, здруженија, фондации, сојузи итн., имаат рок од три месеци да о усогласат своето име или назив согласно законските прописи.
Речиси слични се и измените на Законот за политички партии, каде во членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.
„Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, кратенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх“,
гласат дел од измените.
Исто како и во случајот со здруженијата, и политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.