По изјавата на австрискиот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, дека има приближување и на маса се сите делови од сложувалката, па останува само да се состават, Османи рече дека тоа што недостасува е лепилото, односно политичката волја
Министерот за надворешни работи го коментираше и вчерашниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница велејќи дека тоа се однесува на земји како Украина, Молдавија и Грузија. Северна Македонија и Западен Балкан треба да завршат со членството во ЕУ, порача Османи потсетувајќи на изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц
Откако вчера бугарскиот претседател Румен Радев рече дека не е здраво да се поставуваат ултиматуми кон Бугарија по изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека јуни е последната шанса за решавање на проблемот со цел тргање на ветото за преговорите со ЕУ, денеска шефот на дипломатијата му одговори на Радев – тоа не уцена туку таква е фактичката состојба.
„Претседателот Радев точно знае за што зборувам бидејќи тоа ѝ е кажано и на Република Бугарија и тука не зборуваме за никакви ултиматуми и условувања кон ЕУ и Бугарија туку е објаснување на фактичката состојба како поминува времето и како Република Бугарија ги обесхрабрува сите конструктивни политички фактори кои се обидуваат да отворат ново поглавје во нашите односи. Сето тоа има последици и врз домашната политичка сцена и во можноста граѓаните и политичките елити конструктивно да придонесуваат кон ова прашање. Тоа е моја проценка дека како поминува времето сè поразреден ќе биде тој политички капитал и таа поддршка на граѓаните за да може да отвориме ново поглавје во нашите односи и сметам дека ова е одлична, можеби и последна можност во која ќе има таков конструктивен политички капитал. Тоа е проценка, не е ултиматум кон ЕУ, ние немаме алтернатива од членството во Унијата ниту од добрососедските односи со Република Бугарија“,
рече Османи.
По изјавата на австрискиот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, дека има приближување и на маса се сите делови од сложувалката, па останува само да се состават, Османи рече дека тоа што недостасува е лепилото односно политичката волја.
„Во таа сложувалка фали лепилото. Тоа лепило е политичката волја. За жал, сметам дека тоа што фали е политичката волја тие елементи да се стават во еден сеопфатен процес кој ќе значи ново поглавје на односите помеѓу нашите две држави и помеѓу ЕУ и Западен Балкан“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата уште еднаш порача дека државата е спремна да ги вметне Бугарите во Уставот, но нагласи дека земјава веќе еднаш правела уставни измени за да почне преговори, а сега повторно се бара такво нешто.
„Тоа кај граѓаните создава немир и непредвидливост како процес, но не како суштина. Република Северна Македонија нема ништо против да ја внесе бугарската заедница во уставот заедно со другите заедници кои се спомнати таму бидејќи ако сме по нешто препознатливи тоа е по односот кон заедниците. Република Северна Македонија има постигнато уникатен модел на функционална етничка демократија, покажа дека на Балканот може да функционираат мултиетнички демократии кои може да бидат референтен модел и за другите држави, па и пошироко. Токму европскиот систем на вредности е во мултиетничноста и ние тоа го постигнавме и сме спремни да го прошириме во однос на сите етнички заедници“,
рече Османи.
Министерот за надворешни работи го коментираше и вчерашниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница велејќи дека тоа се однесува на земји како Украина, Молдавија и Грузија. Северна Македонија и Западен Балкан треба да завршат со членството во ЕУ, порача Османи потсетувајќи на изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Мислам дека тој предлог повеќе беше претставен визави новите разговори помеѓу ЕУ, Украина, Молдавија и Грузија и нивната европска перспектива отколку што беше спомнат западниот Балкан. Мислам дека Шолц коментираше дека да тоа е добра идеја, но Западен Балкан мора да заврши со процесот кој веќе го започна со обврската преземена 2003 во Загреб. Ние зборуваме за почеток на преговори, не за крајно членство. Претседателот Макрон зборува за процес на членство на државите, така што не би ги ставил во една директна корелација двете прашања. Ние бараме да влеземе во процес на разговори, со цел земјата да го комплетира процесот на европеизација“,
рече Османи.