Можам да кажам дека сум охрабрен затоа што ситуацијата поинаку изгледа и мислам дека е веќе напредната во споредба со минатото, порача австрискиот министер од Скопје, кој допатува од Софија
Ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Всушност, сите делчиња на0 сложувалката се присутни, сега треба само да ги составиме, порача сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, на заедничка прес-конференција со својот колега Бујар Османи во Скопје, кој допатува по посетата на Софија.
Шаленберг изрази надеж дека уште пред почетокот на летниот распуст ќе се дојде до почеток на преговорите и ја наведе Северна Македонија како пример за држава која треба да ѝ пристапи на ЕУ.
Она што треба да го решат Скопје и Софија за тргање на ветото, според него, се мали нешта, но, како што рече, не може само едната страна да попушти.
„Ние рековме дека веќе преговорите траат со месеци и години и тоа се всушност темите. Сега прашањето е кога точно треба да почнат, тоа се мали нешта што треба да се решат помеѓу Софија и Скопје, но сметаме дека не може едната страна да попушти, а другата да добие. Тука треба да има заеднички јазик. Ова се навистина чувствителни прашања. Јас доаѓам од Централна Европа каде што се соочуваме со вакви проблеми особено во почетокот на 2000 година, меѓутоа ЕУ е таа којашто е рамката каде што треба да се дискутираат овие прашања и каде што треба да се рационализираат овие прашања. Ќе гледаме каде можеме да помогнеме во тие чекори, меѓутоа уште еднаш би сакал да нагласам дека двете влади веќе ги имаат составните делови од сложувалката сега е време да се состават“,
рече Шаленберг.
На новинарско прашање дали со оглед дека вчера беше во Софија гледа доближување на ставовите во самата бугарска влада помеѓу премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, австрискиот министер не сакаше да открива детали туку уште еднаш нагласи дека двете држави се поблиску до решение.
„Веројатно ќе разберете, по интензивните разговори вчера во Софија и разговорите што ќе ги имам денеска во Македонија, дека тоа е дел од доверба, не можеме сè да изнесеме. Меѓутоа, јас можам да кажам дека сум охрабрен затоа што ситуацијата поинаку изгледа и мислам дека е веќе напредната во споредба со минатото. Од моја страна знам дека говориме за фрустрации и рокови, но за Австрија геостратегиска задача е дека овој регион мора да се најде во ЕУ. Ние тоа го кажавме и пред 20 години, им го ветивме на овие држави и нема да се замориме додека не го додржиме зборот“,
рече Шаленберг.
Тој ја спомена и војната во Украина поради која, како што рече, сега е уште поважно ЕУ да покаже кредибилитет.
„Јас очекувам ова да биде всушност и тест за ЕУ. Таа треба да покаже дека постои геополитичка сила да направи соодветен чекор кон нов процес. Не постои всушност политички вакуум, ние треба да придонесеме кон нов стабилен модел, или ние ќе испорачаме тука или ќе се соочиме со некои други држави кои можеби ќе донесат нестабилност“,
рече Шаленберг.