Францускиот претседател Емануел Макрон вчера во говорот на Денот на Европа изнесе нов предлог за создавање европска политичка заедница, што ќе ѝ овозможи на Украина и други земји кои не се во ЕУ поблиски односи со Унијата
„Сега војната во Украина и легитимните аспирации на Украинците, како оние на Грузија и Молдавија, кои исто така сакаат да се приклучат кон ЕУ, значат дека треба да ја преиспитаме организацијата на нашиот континент“, порача Макрон
Германскиот канцелар Олаф Шолц, кому Макрон потоа на средба во Берлин му ја претстави идејата, порача дека ЕУ не треба да го прекинува пристапниот процес со земјите со кои веќе започна, а како пример ја наведе Северна Македонија, чиј лидер, како што рече, донесе многу храбри одлуки во последните години
Францускиот претседател Емануел Макрон го искористи говорот на Денот на Европа за да изнесе нов предлог за создавање нова организација што ќе ѝ овозможи на Украина и други земји кои не се во ЕУ поблиски односи со Унијата, споменувајќи ја тука и Велика Британија.
Говорејќи вчера во Европскиот парламент во Стразбур, Макрон предложи нова европска политичка заедница, која ќе вклучува држави кои сакаат членство во ЕУ.
Но, Макрон, кој во саботата беше по вторпат инаугуриран за претседател на Франција, практично, не понуди никакви детали за предлогот.
„И Елисејската палата не достави никакви факти или други брифинзи за политиките, како што тоа беше случај претходно, кога Макрон изнесуваше храбри идеи за Европа. Наместо тоа, новоизбраниот претседател во голема мерка се чинеше дека импровизира, очигледно дури и ги изненади некои од неговите советници“,
пишува „Политико“ додавајќи дека се чини оти францускиот лидер е анимиран од желбата да се најде решение за Украина разурната од војна, која очајно се залага за брзо членство во ЕУ во месеците по бруталната инвазија на Русија.
Во текстот се посочува изјавата на Макрон дека легитимните аспирации на народот на Украина, како оние на Молдавија и Грузија, да се приклучат на Европската Унија, не наведуваат да ја преиспитаме организацијата на нашиот континент.
„Украина, преку својата борба и својата храброст, веќе денес е член на срцето на нашата Европа, на нашето семејство, на нашата унија“,
изјави тој.
Говорејќи во контекст на Украина, Макрон рече дека дури и ако утре ѝ се додели статусот кандидат за членство во Европска Унија… процесот на приклучување ќе потрае неколку години – или како што кажа – „за волја на вистината, веројатно неколку децении“.
„И вистина е да се каже ова, освен ако не одлучиме да ги намалиме стандардите за членство и на тој начин целосно да го преиспитаме единството на нашата Европа“,
изјави Макрон, пренесе „Политико“.
Организацијата што ја предлага, според Макрон, ќе биде отворена за земји како што е Велика Британија кои го напуштија блокот.
„Оваа нова европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации кои се придржуваат до нашиот збир на вредности да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата и движењето на луѓето, особено нашата младина. Приклучувањето кон неа не би го прејудицирало идното членство во Европската Унија, нужно, исто како што нема да биде затворено за оние што ја напуштиле“,
рече Макрон.
Според „Политико“, само Велика Британија и Гренланд одговараат на описот на „оние што заминаа“.
„Политико“ натаму анализира дека Макрон не објасни како некоја од привилегиите на членството ќе биде избалансирана со обврските ниту, пак, имаше никакви детали за тоа како членките на ЕУ ќе обезбедат безбедност за овие земји кои би можеле да бидат ранливи на напади, а посебно за Украина која веќе е во војна.
Реакцијата на Шолц
Макрон подоцна овој свој нов план го претстави и во Берлин на разговорите со германскиот канцелар Олаф Шолц – негово прво патување во странство од неговиот реизбор.
Тука тој говореше за предностите на неговиот предлог велејќи дека ќе бидат потребни неколку години, па и децении за Украина да ѝ се приклучи на ЕУ преку редовната процедура за проширување.
„Дали тоа го сакаме? Преземаме ризик дека ќе бидат очајни, дека ќе се откажат. Бидејќи постои оваа географска близина, тие се држат до истите основни вредности, тоа би сакал уште еднаш да го нагласам, бидејќи Украина денес се бори токму за тоа и ги презема сите ризици токму за тоа… треба да изградиме нова политичка форма, а не само правна форма“,
рече Макрон во Берлин.
Шолц за идејата на Макрон рече дека е многу интересен предлог за справување со големиот предизвик со кој се соочува ЕУ и додаде дека е апсолутно неопходно да се најдат начини за повеќе земји да се усогласат со ЕУ.
„Сепак, Шолц понуди шифрирано предупредување дека планот на Макрон не треба да се користи за да се измачуваат земјите кои веќе долги години работат на членство во ЕУ – со мал ентузијазам од Франција“,
пишува „Политико“.
„Јасно е дека тоа мора и нема да не одврати од пристапните процеси на кои веќе работиме толку долго“,
изјави Шолц.
Германскиот канцелар порача дека ЕУ не треба да го прекинува пристапниот процес со земјите со кои веќе започна, а како пример ја наведе Северна Македонија, чиј лидер, како што рече, донесе многу храбри одлуки во последните години.
Макрон не е првиот што излезе со план за зајакнување на врските на ЕУ со партнерските земји, вклучително и Украина, пред да даде формално членство. Минатиот месец, потсетува „Политико“, Енрико Лета, поранешен италијански премиер и лидер на италијанската Демократска партија, предложи европска конфедерација со земјите аспиранти за членки, која ќе започне со заедничка економска област, постепено додавајќи обврски и на крајот вклучувајќи заедничка одбранбена клаузула.