Германскиот канцелар рече дека идејата на Макрон за формирање „европска политичка заедница“ е интересна, но и дека тоа не треба да ги спречува да го завршат она што е започнато, а се однесува на земјите од Западен Балкан кои донеле храбри одлуки, при што, како пример ја наведе Северна Македонија
Германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека е потребно да се испратат јасни сигнали за земјите од Западен Балкан и дека треба да се одржат ветувањата. Тој притоа истакна, дека Северна Македонија имаше храбри лидери, кои направија храбри чекори за да започне процесот на пристапување, јави дописникот на МИА.
„Ние треба да им испратиме сигнали на земјите од Западен Балкан. Ние ќе ги одржиме нашите ветувања за да се надминат пречките кои се пред нас, за да се има тој разумен и сигурен пристап“, рече Шолц, притоа нагласи дека „се радува“ што Макрон потсетил на таа европска перспектива за земјите од регионот.
Земјите на Западен Балкан, рече германскиот канцелар, се дел од европското семејство, а и Украина исто така.
„Ние работиме за Западен Балкан да го приближиме до Европската Унија“,
рече Шолц.
Одговарајќи на новинарско прашање, предлогот на Макрон за формирање „европска политичка заедница“ тој го оцени како „многу интересен предлог за соочување со големите предизвици со кои се соочува ЕУ“, притоа директно се осврна на проширувањето кон земјите од Западен Балкан и Северна Македонија.
„Оваа идеја не нè спречува да го завршиме тоа што го започнавме и на што работиме веќе извесно време. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан, бидејќи тие донесоа многу длабоки и храбри одлуки. Тоа треба да биде наградено. Го наведувам примерот на Северна Македонија, таа имаше храбри политички лидери кои направија храбри чекори за да започне процесот на зачленување. Ние не треба да ги обесхрабриме тие храбри чекори“,
додаде германскиот канцелар.
Францускиот претседател од своја страна нагласи дека е решено да се одржи самит за Западен Балкан во јуни, што ќе се одржи непосредно пред Европскиот самит.
„За тоа ќе се има блиска и координирана француско-германска соработка за да се може, токму на сите овие ситуации, да се работи заедно, за да дозволиме прво да се решат ситуациите на разлики кои сè уште постојат и да им ја разјасниме на сите земји од Западен Балкан европската агенда која во голема мера е нивна“,
рече Макрон.
Прашан да ја појасни неговата идеја за европска политичка заедница и дали земјите од Западен Балкан се повикани да се приклучат кон неа, францускиот претседател одговори дека оваа идеја доаѓа од фактот дека има географска реалност.