Шефот на дипломатијата денеска повторно обвини дека зад здружението што го отвори клубот во Благоевград стојат две лица од Канада кои имаат антидржавни ставови, а од „ОМО Илинден Пирин“ му одговараат дека тоа се луѓе без кои македонските движења во Грција и Бугарија тешко ќе успееле и им помогнале многу повеќе отколку македонската Влада во изминатите децении

Присуството на македонски политичари на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, не е причина за укинување на Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права кое го отвори клубот.
Ваква порака испраќаат од „ОМО Илинден Пирин“ до министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Многу е тажно да видиш дека Македонија е водена од толку лошо информиран министер, министер кој се информира од медиумите наместо преку своите служби. Господине Османи, друг пат јавете се кај нас барем да имате точна информација за да не испаѓате во ситуации како сегашната – министер сте! Друштвото за заштита на основни човекови права, не е забрането после отворањето на клубот, ниту како последица од доаѓањето на вашите политички опоненти на неговото отворање. Тоа е недоразбирање во некои медиуми, кое и вие го ширите сега. Друштвото е дерегистрирано три недели порано, само што Врховниот суд така и не ги информирал неговите членови“,
велат од „ОМО Илинден Пирин“.
Процесот за одземање на регистрацијата, тврдат оттаму, е започнат уште во 2019, а веќе во 2020 година во Благоевград имало одлука во таа насока.
Ако сакате, му порачуваат од „ОМО Илинден Пирин“ на Османи, можете да се информирате детално од годишните извештаи за правата на Македонците во Бугарија што ги објавуваме на нашата веб страна.
„Така што гледате дека забраната на друштвото нема врска со ова што го зборувате и со луѓето, кои за разлика од вас дојдоа да покажат поддршка. Тие не само што немаат никаква вина туку напротив – нивното доаѓање за Македонците овде беше силна морална поддршка – повеќе отколку Република Македонија има направено во последните 30 години, но се разбира тука не го ставаме извршеното од вашата влада зашто со нула не се споредува. Не треба тие што дојдоа да се правдаат пред нас, вие треба да објаснувате пред македонскиот народ зашто не дојдовте. Но, дури и да беше како што велите, зарем не требаше како надворешен министер на Македонија да реагирате пред Бугарија и критиките да ги упатите кон неа?! Очигледно за вас е нормално и во ред, ако бугарски суд по политички причини забранува друштво на Македонците во Бугарија. И кога тоа се случува вината не е на Бугарија туку на Македонците, коишто не направиле ништо незаконско, само дошле да дадат поддршка. И секако на нас Македонците – зашто сме решиле да имаме клуб“,
наведуваат од „ОМО Илинден Пирин“.
Во изјавите кои денеска ги даде Османи за укинувањето на здружението што го основа клубот „Никола Вапцаров“, а кои ѝ претходеа на ваквата реакција, министерот рече дека претпоставувал оти ќе има ваков негативен фидбек од бугарска страна и за тоа ги прозва нашите политичари кои отидоа во Благоевград, меѓу кои беа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев.
„Ние воопшто не знаевме што ќе биде, но претпоставуваме дека тоа ќе предизвика верижна реакција на еден негативен фидбек, еден негативен натпревар од кој на крај најоштетени ќе излезат токму граѓаните, Македонците во Бугарија. И сега нека излезат тие што отидоа таму да ги охрабрат, тие политичари што отидоа да ловат политички поени нека им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението“,
рече денеска Османи.
Тој повторно обвини дека зад ова здружение стојат две лица од Канада кои имаат антидржавни ставови и финансираат отворање клуб на Македонците во Бугарија како одговор на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Од „ОМО Илинден Пирин“ реагираат и на ваквите обвинувања од Османи прашувајќи го каде бил тој и Владата да помогнат.
„Се надеваме не мислите сериозно дека спаѓате меѓу луѓето ’кои подобро ја разбираат проблематиката‘. Да беше така ќе знаевте дека не е тоа ’здружение на двајца од Канада‘ и дека луѓето за кои така потценувачки зборувате цел живот се занимаваат со ова проблематика и имаат направено за Македонците во различни земји – многу, навистина многу. Без нив и луѓе како нив во Австралија, САД, Европа и други земји македонските движења во Грција и Бугарија тешко дека би постигнале некој сериозен успех. Можеби дури не би опстанале. Во изминатите децении не беше Владата на Македонија таа што ни помагала, затоа ќе простите ама нив ги цениме бескрајно повеќе од вас и вашата влада. Наместо да ги судите подучете се! Тогаш може и нивното, а и нашето мислење за вас да се поправи“,
велат од „ОМО Илинден Пирин“.