Системот би овозможил Фондот да добива информации, меѓу другото, и доколку лице што користи боледување ја напушти државата. Посочи дека Фондот нема да има надлежност да го спречи патувањето, туку преку размената на податоци би можел навремено да реагира и да изврши дополнителна проверка
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Министерството за внатрешни работи (МВР) работат на воспоставување систем за размена на податоци со цел навремено откривање можни злоупотреби на боледувањата, меѓу другото, и во случаи кога лице што користи боледување ја напушта државата. Ова вечерава во гостување на „Дневникот“ на телевизија Сител го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, зборувајќи за најавените построги контроли на боледувањата.

Меѓу предложените промени е намалување на деновите за боледување што може да ги издаде матичниот лекар – од сегашните седум на пет дена. Дополнително, предвидени се и контроли со кои ќе се проверува дали лицата што користат боледување се наоѓаат дома, согласно медицинската индикација за мирување.
Како што појасни, системот би овозможил Фондот да добива информации, меѓу другото, и доколку лице што користи боледување ја напушти државата. Посочи дека Фондот нема да има надлежност да го спречи патувањето, туку преку размената на податоци би можел навремено да реагира и да изврши дополнителна проверка.
Целта, додава, е воспоставување превентивен механизам за откривање потенцијални злоупотреби, а не автоматско санкционирање на лицата што користат боледување.
„Зголемениот број боледувања укажува на аномалии во системот, а дополнителен проблем е и притисокот врз матичните лекари од страна на пациентите да им издаваат боледување. Сепак, боледувањето треба да им биде достапно на лицата на кои навистина им е потребно и да не се користи за годишни одмори или други настани“,
рече Перински.
Појасни дека најавените промени немаат за цел да бидат рестриктивни кон лицата што оправдано користат боледување, туку да се рационализираат ресурсите за контрола.
„ФЗО бележи зголемен број барања од работодавачи за контрола на боледувањата, од кои голем дел се однесуваат на ретроактивни проверки, кога боледувањето веќе завршило. Во таа насока, се предлага контролорите, зависно од дијагнозата и медицинската индикација за домашно лекување и мирување, да можат да извршат проверка во домот на лицето што користи боледување“,
вели тој.
Посочи дека контролорите нема да влегуваат во домот и нема да вршат медицински преглед, туку само ќе проверуваат дали лицето се наоѓа дома.
„Доколку лицето не биде затекнато, тоа нема автоматски да значи губење на правото на боледување. Во таков случај, лицето би било упатено пред лекарска комисија за дополнителна проверка“,
кажа директорот.
Според него, ова треба да биде интервентна алатка за контрола во реално време, а не редовна пракса.
Според него, бројот на краткотрајните боледувања е зголемен за околу 33 отсто, од околу 270 000 годишно на повеќе од 321 000, додека бројот на заболени лица пораснал за околу шест отсто.
Токму зголемениот број боледувања, како и големиот број барања од работодавачи за нивна контрола, додаде дека биле причина Фондот да започне со преиспитување на системот.
„Во лето имаме повеќе наплив на барања од страна на работодавачите за контрола на боледувањата, без разлика дали се работи за краткотрајни или за боледувања над 30 дена“,
вели тој.
Пред една недела Перински најави построги контроли на боледувањата, што предизвика поделени реакции во јавноста, од оние што сметаат дека е време да се стави ред поради многубројни злоупотреби, до оние што оценуваат дека ваквиот систем не може да функционира со оглед на тоа дека пациентите не се во притвор.
