Се очекува Данска, Гренланд и САД да го потпишат договорот денеска во 10:30 часот според американско источно време (15:30 часот според средноевропско време), за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк
Како што потсетува новинската агенција, договорот доаѓа по неколкумесечниот притисок од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за воспоставување воено присуство на САД на Гренланд
Соединетите Американски Држави (САД) планираат да реотворат воена база од времето на Студената војна во јужниот дел на Гренланд, како и да отворат уште една на источниот брег на островот – предвидува договорот што САД, Данска и Грендланд се очекува да го потпишат денеска за време на Генералното собрание на Обединетите нации, објави Ројтерс, повикувајќи се на три извори.

Воените бази ќе бидат лоцирани во Нарсарсуак, град со неколку десетици жители, каде што се наоѓа поранешната американска воена база „Блуи Вест Уан“, затворена во 1950-тите години на минатиот век , и во Местерсвиг, база што моментално ја користи „Сириус дог слеџ патрол“, единица на данските специјални сили, изјавиле за новинската агенција два извори запознаени со договорот.
Се очекува Данска, Гренланд и САД да го потпишат документот денеска во 10:30 часот според американско источно време (15:30 часот според средноевропско време), за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Текстот на договорот не е објавен, но трите лица запознаени со неговата содржина, говорејќи под услов на анонимност, рекле дека деталите од документот нема да бидат финализирани додека договорот не биде потпишан.
Владите на Данска, Гренланд и САД засега не одговориле на барањата за коментар на Ројтерс во врска со ваквите наводи.
Портпарол на Белата куќа одбил да ги коментира деталите од договорот, повторувајќи ја претходната изјава дека неговото потпишување во вторник ќе ја „осигура и заштити безбедноста на Гренланд и на САД“.
Како што потсетува новинската агенција, договорот доаѓа по неколкумесечниот притисок од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за воспоставување контрола на САД во Гренланд. На моменти, во своите изјави, Трамп отворено се закануваше со употреба на воена или економска сила за преземање на островот кој е дел од данската територија, но има висок степен на автономија.
Истражувањата на јавното мислење што беа спроведени покажаа дека огромно мнозинство жители на Гренланд ја отфрлаат идејата за американска контрола на островот.
За време на Студената војна, САД имаа 17 воени објекти во Гренланд, со персонал од повеќе од 10 000 лица. Денес, на островот се наоѓа само американската вселенска база „Питуфик“, каде што се стационирани околу 150 припадници на војската на САД.
