„Надлежниот јавен обвинител веќе изврши распит на сите сведоци и на осомничените, а интегритетот на постапката е запазен и не постои опасност за негово компромитирање. Од тие причини, а имајќи ја предвид и праксата на судот во Стразбур, јавниот обвинител предложи замена на притворските со поблаги мерки на претпазливост“, велат од Обвинителството.
Откако Основниот кривичен суд денеска соопшти дека на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на шестмина осомничени за упадот во Македонската навигација (М-НАВ) им се укинати мерките куќен и затворски притвор, од Обвинителството излегоа со објаснување зошто побарале замена на овие мерки со поблаги.
Оттаму информираат дека веќе бил завршен распитот на сведоците и на осомничените и тие веќе не можат да влијаат на натамошниот тек на постапката, а предвид била земена и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Надлежниот јавен обвинител веќе изврши распит на сите сведоци и на осомничените, а интегритетот на постапката е запазен и не постои опасност за негово компромитирање. Осомничените веќе немаат можност да влијаат врз доказите или дејствијата кои ќе се преземаат во натамошниот тек на постапката. Од тие причини, а имајќи ја предвид и праксата на Судот во Стразбур, јавниот обвинител предложи замена на притворските со поблаги мерки на претпазливост“,
информираат од Обвинителството.
Од скопскиот Основен кривичен суд претходно попладнево соопштија дека по предлози на јавен обвинител доставени денеска на тројца осомничени им е укинат куќниот притвор, а додека за преостанатите тројца повеќе нема да биде во сила затворскиот притвор кој претходно им беше одреден.
„Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од член 146 став 1 точки1,2,3 и 6 односно, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица“,
соопштија денеска од Кривичен додавајќи дека против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Судот.
За инцидентот во Македонската навигација, кој се случи на 4 јануари и предизвика бура реакции во јавноста и беше повод за вонредни контроли во оваа државна институција, се осомничени вкупно осум лица, меѓу кои и шефот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири.
Нему и на уште еден од осомничените – Алмир Рамдедовиќ – кон крајот на минатиот месец им беше укинат куќниот притвор од страна на Апелацискиот суд Скопје откако двајцата се жалеа на одлуките на Кривичен.
И ним, како и на останатите шестмина сега, Апелација им одреди мерки на претпазливост.
Сите осуммина како соизвршители се осомничени за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Судот, ценејќи ги доказите приложени кон доставениот предлог за определување на мерка притвор, а имајќи предвид дека единствен доказ кој се однесува на осомничените е потврдата за привремено одземени предмети, како и наводите во изјавената жалба на ОЈО Скопје против Решението на судијата на претходна постапка и образложението на обжаленото решение, оцени дека во истите не се приложени докази, ниту се истакнати факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, ниту се наведени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, а имајќи ги предвид личните прилики на осомничените и нивното однесување по сторување на кривичното дело за кое се сомничат“,
соопштија на 26 јануари од Апелација.