Известителот во случајот сега ќе треба да даде предлог-одлука, а Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност да одлучи
Трите обвинителки Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска денеска биле сослушани во рамки на дисциплинската постапка поведена против нив, а поврзана со претресот во Управата за финансиска полиција ланското лето.
Тие биле сослушани во просториите на Јавното обвинителство и биле изведени сите докази, а сега на потег е известителот кој треба да достави предлог-одлука, па Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност ќе одлучи.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Русковска, предложила универзитетскиот професор Гордан Калајџиев да биде сослушан како експерт во постапка за да даде правно мислење дали се повредени нормите од Законот за кривична постапка. Меѓутоа, членовите на дисциплинската комисија откако го разгледале предлогот, едногласно одлучиле да го отфрлат бидејќи, како што објаснуваат од обвинителството, „органот кој ја води постапката го применува законот и правните норми во него“.
Предлогот да се поведе дисциплинска постапка го даде републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој дополнително по Русковска ја суспендира и од работа.
На ова му претходеше надзор извршен по налог на Јовески по кој од неговиот кабинет излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот во УФП, меѓу што посочија и дека во барањето за претрес до судот што го поднеле обвинителките било наведено дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот имало само анонимна кривична пријава.
Предлогот на Јовески за поведување постапка, Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност го прифати во декември лани.
„Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“,
соопштија од Јавното обвинителство на 23 декември 2022 година.
Во алинеја 6 од членот 91 од Законот за јавно обвинителство, која ја наведоа тога, пишува дека „тешка дисциплинска постапка на обвинител се смета „ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основа за утврдување на одговорност на јавниот обвинител“.
Претресот УФП од страна на ОЈО ГОКК беше извршен 18 јули и со него се чини дека ескалираше антагонизмот помеѓу Русковска и тогашниот директор на Управата, Арафат Муареми.
Муареми јавно обвинуваше за незаконит претрес и најави и кривични пријави против трите обвинителки.
Русковска, пак, овој предмет го наведе еден од трите (заедно со тој за поранешниот генсек на Владата Драги Рашковски и за станицата за технички преглед „Виа комерц“) што придонеле таа да биде суспендирана.