Во пресудата за случајот „Талески и други против Северна Македонија“ се вели дека немало повреда на членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, која го опфаќа правото на фер судење, поради законодавната интервенција со која се дозволи поништување на претседателските помилувања и продолжување на кривичната постапка против подносителите на барањето
Судот едногласно пресудил дека Северна Македонија треба да му плати 3 600 евра на Митроски како надомест на нематеријална штета. Со пет гласа „за“ и два „против“, Судот пресудил дека Северна Македонија треба да му плати 3 600 евра на Јанакиески како надомест на нематеријална штета и 64 евра заеднички на Јанакиески и Митроски како надомест на трошоци

Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска пресуди дека на поранешните функционери Владимир Талески, Миле Јанакиески и Коста Митроски не им било повредено правото на правично судење со тоа што им било судено и покрај помилувањата што ги добиле од претседателот Ѓорге Иванов. Во образложението се вели дека одлуката за помилување што ја донесе Иванов во 2016 година не била во согласност со Законот за помилување што важел тогаш, па според тоа тие не произведуваат правно дејство.
Во пресудата за случајот „Талески и други против Северна Македонија“ се вели дека немало повреда на членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, која го опфаќа правото на фер судење, поради законодавната интервенција со која се дозволи поништување на претседателските помилувања и продолжување на кривичната постапка против подносителите на барањето.
Како што е наведено во соопштението, Судот утврдил дека потребата да се повикаат јавните службеници на одговорност и да се спречи тие да бидат ставени над законот ја надминала потребата од заштита на правната сигурност.
„Судот ја зеде предвид исклучителната природа на ситуацијата создадена со одлуката на тогашниот претседател да им даде помилување на јавни службеници, вклучително и високи личности од неговата политичка партија, без валидна законска основа и со кршење на владеењето на правото. Тежината на ситуацијата и на последователната политичка криза го оправдаа усвојувањето на исклучителни мерки во форма на закон насочен кон мала група лица кои инаку би имале корист од незаконски помилувања, со цел враќање на владеењето на правото“,
се вели во соопштението.
Судот, додаваат оттаму, утврдил дека законодавната интервенција била оправдана врз основа на убедливи основи од општ интерес и соодветно на тоа не може да се смета дека ги прекршила принципите на правна сигурност или владеење на правото.
Судот, исто така, едногласно пресудил и дека имало повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата во однос на правото на контрадикторно судење поради недоставување копија од поднесоците на повисокиот обвинител до еден од подносителите, Митроски.
Со пет гласа наспроти два, пак, пресудил дека имало повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата во однос на правото на контрадикторно судење поради недоставување копија од поднесоците на повисокиот обвинител до друг од подносителите, Јанакиески.
Во објаснувањето од Судот се вели оти тие забележале дека случајот се спротивставува на правната сигурност, од една страна, и одговорноста и еднаквоста пред законот, од друга страна.
Од Судот велат дека ја зеле предвид исклучителната природа на ситуацијата создадена со одлуката на тогашниот претседател да им даде помилување на јавни службеници, вклучувајќи и високи функционери од неговата политичка партија, без валидна правна основа и со кршење на владеењето на правото.
„Законодавната интервенција се случила по обемна јавна дебата и потрага по избалансирано решение. Законот за помилување од 2016 година беше донесен помалку од шест недели откако беа дадени помилувањата, а поништувањата следуваа една недела подоцна. Во тој период, ниту истражните органи ниту судовите не донесоа одлука за прекин на кривичната постапка против подносителите на барањето. Со донесувањето на Законот за помилување од 2016 година, законодавното тело се обиде да го врати владеењето на правото со тоа што ќе обезбеди дека јавните службеници, вклучително и оние од највисок ранг, на кои им беше доделен имунитет од гонење од страна на претседателот кој дејствуваше без валидна правна основа, ќе бидат изведени пред лицето на правдата“,
пишува во соопштението.
Затоа, Судот сметал дека потребата да се одржи одговорноста на јавните службеници и да се осигури дека тие не се ставени над законот, ја надминала потребата да се заштити правната сигурност.
Судот едногласно пресудил дека Северна Македонија треба да му плати 3 600 евра на Митроски како надомест на нематеријална штета. Со пет гласа „за“ и два „против“, пресудил дека Северна Македонија треба да му плати 3 600 евра на Јанакиески како надомест на нематеријална штета и 64 евра заеднички на Јанакиески и Митроски како надомест на трошоци.
Апликациите биле поднесени до Европскиот суд за човекови права на 30 август 2023 година и 18 март 2024 година.
