Ако се договориме за датум за предвремени избори, ќе одиме на предвремени избори, ако не се договориме, како опозиција имаме други механизми, ќе ги договориме во рамки на партијата, преку кои ќе добиеме предвремени избори – порача потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Александар Николоски, во гостување во емисијата „360 степени“, зборувајќи за тоа како точно е дефинирано барањето на неговата партија за лидерска средба, рече дека на самата средба би се изложиле точки од интерес на на двете страни – ВМРО-ДПМНЕ, но и СДСМ.
„Ќе разговараме за прашање за кои сметаме дека се во интерес, од перспектива на ВМРО-ДПМНЕ и од перспектива на СДСМ. Тоа е нормално седнување на лидерска средба. Мене ми е жал што Македонија има тотално политички неискусен премиер во моментов, кој не бил во политика, нема политичко искуство, ниту теоретско предзнаење за политика и не знае како функционираат овие процеси. Нормално е кога ВМРО-ДПМНЕ ќе побара лидерска средба да ги изложи своите барања, а тие се предвремени парламентарни избори и решенија во четирите клучни сектори“,
кажа Николоски.
Прашан дали ова значи делумно поразличен пристап од досега јавно презентираат, во кој се велеше дека треба да се свика лидерска на која ќе се договори датум за предвремени избори, Николоски негираше, но дополни:
„Можеби ќе се договориме за датум за предвремени избори, можеби нема да се договориме. Ако се договориме за датум за предвремени избори, ќе одиме на предвремени избори, ако не се договориме, како опозиција имаме други механизми, ќе ги договориме во рамки на партијата, преку кои ќе добиеме предвремени избори. Дали се тоа протести, дали е продолжување на активната блокада во Собрание, дали се други чекори преку општините, тоа се сет на мерки кои на секоја опозиција ѝ стојат на располагање“,
рече Николоски.
Повикот за лидерска средба од ВМРО-ДПМНЕ е со рок од десет дена и истекува во вторник, 10 мај.
„Сè уште мислам дека ќе има свесност до вторник и дека во текот на викендов ќе се случи таа лидерска средба, на која ќе договориме датум за предвремени избори и во четирите клучни сектори ќе почнеме да наоѓаме решенија за доброто на Македонија“,
рече Николоски и додаде дека во спротивно ВМРО-ДПМНЕ нема да се повлече од најавената активна блокада во Собранието.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, изјави дека не прифаќа лидерска средба само за датум за избори. Тој ја отфрла идејата за предвремени парламентарни избори и оценува дека опозицијата се плаши од редовни избори, бидејќи нивните избрани градоначалници не ја оправдуваат довербата на граѓаните.
*Повеќе вести од гостувањето на Николоски во „360 степени“:
- Николоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека некој лошо го учи премиерот Ковачевски на поларизација
- Без гаранции од Бугарија дека нема да има нови барања, не смееме да направиме ниту еден чекор – вели Николоски од ВМРО-ДПМНЕ
- Николоски: Македонија може само да добие од пријателство со Виктор Орбан